Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија и по сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на американскиот фестивал посветен на научнофантастичните филмови во Мајами – „Miami Science Fiction Film Festival“, кој ќе се одржи викендов (31 јануари и 1 февруари).
Режисерот Цветановски информира дека фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. На претходните изданија, меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ-серија „Игра на тронови“.
Со селекцијата во Мајами, Цветановски наведува дека филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
– Среќен сум што преку овој филм не само што ѝ го дадовме на Македонија првото долгометражно анимирано остварување туку успеавме и да ја ставиме на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција – изјави Цветановски.
Гласовите за анимираните ликови во филмот ги позајмуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски- Тхе Мичо, а продуцент е Алан Кастиљо.












