„Јон Вардар против галаксијата“ доби меѓународно признание во Кина, каде што беше одликуван со почесна награда за визуелна имагинација во главната натпреварувачка селекција на „Blue Planet Sci-Fi Film Festival“. Наградата ја доделува Организацискиот комитет на фестивалот и претставува признание за исклучителниот визуелен концепт и за иновативниот пристап во градењето на изгледот на филмот.
Особен придонес во визуелниот идентитет на филмот има арт-директорот Михајло Димитриевск-Тхе Мичо, еден од најпрепознатливите македонски илустратори. Тхе Мичо е познат по својот уникатен стил ,кој често комбинира хумор и карикатурална динамика на ликовите, а неговите дела се изложувани и присутни во бројни меѓународни проекти и фестивали.
Режисерот и сценарист на филмот, Гоце Цветановски, изјави дека визуелниот пристап бил клучен уште од најраната фаза на развојот на проектот: „Во овој филм, свесно експериментиравме со различни анимациски техники. Нашата цел беше да ги приближиме 2Д и 3Д-технологијата и да создадеме свет во кој коегзистираат повеќе визуелни естетики. Користењето различни стилови беше планирано уште при самото пишување на сценариото, како дел од карактеризацијата на световите и на ликовите.“
Ова е седма меѓународна награда за „Јон Вардар против галаксијата“, кој досега беше прикажан на преку 40 фестивали.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.












