Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во сценарио и режија на Гоце Цветановски, ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули, а ќе се случи во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.