Српската кошаркарска репрезентација целосно потфрли на Евробаскетот – беа елиминирани во осминафиналето од Финска (92:86). Јавноста веднаш го постави прашањето дали Никола Јокиќ, по овој неуспех во Рига, ќе продолжи да игра за репрезентацијата, а на тоа прашање овој пат своја прогноза даде поранешниот српски кошаркар, Жарко Паспаљ.
- Ќе биде многу тешко… Сè се сведе на Јокиќ, Јокиќ, Јокиќ… Го потрошивме, играше против сите. Ќе видиме кој ќе биде новиот селектор, истакна Паспаљ за „ТВ К1“, што дополнително ги загрижи српските навивачи.
Легендарниот кошаркар смета дека одлуките се носат предоцна.
- Доцниме една година, сè што се случува сега требаше да се реши минатата година. Не можете да кажете дека нема да бидете селектор, а потоа да потпишете договор за седум дена. Тоа дава впечаток дека повеќе ви е важен сопствениот договор отколку репрезентацијата, додаде поранешниот кошаркар.
Потоа имаше и пофални зборови за Светислав Пешиќ.
- Тоа беше лош почеток. Кари направи многу добри работи, имаше комуникација со играчи кои не беа сигурни дали сакаат да играат. Пред сè мислам на Јокиќ, кого го повикуваше и до шест пати на ден… Можеби не беше баш така, но впечатокот останува. А сега што? Имаме доволно тренери, пет или шест кандидати, заклучи Паспаљ.