Српскиот кошаркар Никола Јокиќ имаше причина за славење, а изгледаше како да го освоил шампионскиот прстен во НБА. Така барем пишуваат медиумите од Србија и Босна и Херцеговина во својот осврт на настаните во Србобран на традиционалната петровденска трка со коњи, каде што победи коњот на Јокиќ, Арагорн.

Иако е НБА-ѕвезда и еден од најдобрите кошаркари во светот, Јокиќ, на свој карактеристичен начин, дојде на трката без гламур и помпезност. Камерите на телевизијата „Арена спорт“ го фатија како се потпира на оградата и пие пиво, а потоа ја слави победата на Арагорн.

Како што пишуваат српските медиуми, тоа му донело парична награда од 44.000 динари (околу 375 евра). Арагорн, со возачот Владимир Прибиќ, беше убедлив во трката на 2100 метри. Според впечатоците на присутните, Јокиќ бил понервозен на хиподромот отколку што е вообичаено можно да се види за време на натпреварите од НБА.

Често се вели дека коњите, а не кошарката, биле негова прва љубов. Тој поседува неколку грла.

Инаку, што се однесува до тимот во кој настапува Јокиќ, Денвер, се обидуваат да склопат ростер соодветен за напад на шампионската титула. Откако го договорија Јонас Валанчијунас во своите редови, кој веднаш се обиде да предизвика целосен хаос во Денвер и да оди во Панатинаикос, неколку дена подоцна од НБА-тимот се огласија дека нема да му дозволат да го стори тоа. Тие воедно се пофалија и со трансфер на уште еден кошаркар, Кем Џонсон од Бруклин, па новиот двоец се очекува да му даде „ветер во грб“ на Јокиќ на патот кон титулата.

ИЗДВОЕНИ