Најдобриот српски кошаркар, Никола Јокиќ, одби да потпише нов договор со тимот на Денвер Нагетс, објавија американските медиуми. Тој наводно го информирал Денвер дека нема намера да потпише продолжување на договорот ова лето, иако тоа се сметало за формалност.

Самиот потег не значи дека тој планира да го напушти клубот, но создаде дополнителни тензии и притисок врз клубот во наредната година.

Инаку, Јокиќ е во Денвер од 2015 година и ја освои шампионската титула во НБА и три награди за најкорисен играч (МВП), а Нагетси беа подготвени да направат сè за да го задоволат Србинот и да го задржат во своите редови. Сепак, причината зошто Јокиќ не сака да потпише нов договор е тоа што, ако почека до 2026 година, ќе може да потпише супермакс договор вреден дури 292 милиони долари, што е за 80% повеќе отколку што можеше да добие сега.

Јокиќ имаше спектакуларна сезона, со просек од 29,6 поени, 12,7 скока и 9,9 асистенции по натпревар. Тоа дополнително ги загрижува навивачите на Денвер бидејќи ретко кој не би сакал играч со таква статистика во своите редови.

Самиот сопственик на Нагетси, Џош Кронке, неодамна изјави дека Јокиќ можеби нема да го потпише договорот.

  • Секако ќе му понудиме (договор), не сум сигурен дали ќе прифати. Ќе му го објасниме секој финансиски параметар во однос на потпишувањето сега и подоцна. Секогаш сме транспарентни. Тој треба да ја донесе најдобрата одлука за себе и за своето семејство, ние ќе го поддржиме во тоа, истакна неодамна Кронке.

Од 8 јули, Никола Јокиќ има право да потпише нов договор, или да го продолжи сегашниот, за уште три сезони. Значи, во тие последни три години од договорот, тој ќе добие уште 212,5 милиони долари. Сепак, јасно е дека Јокиќ не мора да го прави тоа, бидејќи сегашниот трае уште две години, па затоа има смисла да се почека до летото 2026 година.

ИЗДВОЕНИ