Досегашниот тек на локалните избори 2025 година минува мирно и без сериозни нарушувања на изборниот процес, информира Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Според податоците добиени од обвинителствата низ земјата, до овој момент не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица бил усно известен за случај на погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село, но по извршен разговор и замена на материјалот од страна на Државната изборна комисија, не се утврдени елементи на кривично дело.
Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп биле евидентирани во обвинителствата во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе. За сите случаи, јавните обвинители преземаат дејствија за проверка на пријавите.
Евидентирани се и неколку случаи на прекршување на изборниот молк, но станува збор за мал број настани кои засега немаат карактер на кривично дело.
Привремената комисија на Јавното обвинителство и денеска го следи изборниот процес, а електронската адреса [email protected] останува отворена за пријави на евентуални неправилности.
Од обвинителството потврдуваат дека се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, кои тесно соработуваат со останатите институции надлежни за спроведување и надзор на изборите.
„Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет во постапувањето“, соопштија од Јавното обвинителство.