понеделник, март 2, 2026
Дома МАГАЗИН Јелена ќе има осмомартовски концерти во Македонската филхармонија – здравствената состојба ѝ...

Јелена ќе има осмомартовски концерти во Македонската филхармонија – здравствената состојба ѝ е многу подобра!

208

Весникот ВЕЧЕР стапи во контакт со нејзината менаџерка во Македонија, која ни испрати добри вести: „Јелена сега максимално се одмора за да може да настапи заедно со сопругот – познатиот актер и пејач Иван Босиљчиќ на своите концерти во Скопје, на 7 и 8 март“

Многу популарната српска поп-пејачка, една од поуспешните учеснички на Песна на Евровизија (со хитот „Оро“) и минатогодишна учесничка на нашиот „Охрид-фест“, Јелена Томашевиќ, завчеравечер, на концертот во градот Бар, Црна Гора, доживеа голема непријатност, сè поради сериозно влошената здравствена состојба. Таа одеднаш се струполи, падна на колена на самата сцена, пред микрофонот. Целата сала наеднаш рипна да ѝ помогне, а таа сосила се обидуваше да продолжи со настапот. Едноставно, не беше во состојба да го заврши концертот. Најблиските велат дека во деновите пред концертот во Бар, имала некој вирус, се чувствувала лошо, мислела дека ќе ѝ помине, но, публиката, за жал, успеа да слушне само една песна во нејзина интерпретација. Пејачката веднаш беше пренесена во болница со Итна медицинска помош, а организаторите ја информираа публиката дека се откажува концертот поради влошување на нејзиното здравје.

Весникот ВЕЧЕР стапи во контакт со нејзината менаџерка во Македонија, која ни испрати добри вести.

– Јелена сега максимално се одмора за да може да настапи заедно со сопругот – познатиот актер и пејач Иван Босиљчиќ на своите веќе распродадени концерти во Скопје, на 7 и 8 март, во Македонската филхармонија. Концертите ќе се одржат, бидејќи таа се чувствува многу, многу подобро – ни одговори љубезно нејзината менаџерка.

Самата Јелена прати искрена порака до своите македонски обожаватели: „На сите ви благодарам за вашата загриженост околу моето здравје. Се гледаме и пееме во Скопје, како секогаш така и овој пат, весели и безгрижни“.   (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ