Jелена Карлеуша: „Додека сум жива, нема да го заборавам црниот ден кога ми јавија дека Тоше загинал во сообраќајна несреќа“

192

Се ближи годишнината од загинувањето на македонскиот музички ангел – познатите споделуваат спомени!                                                                                                    Не сум плачела толку многу во животот, освен, потоа, на погребот на мајка ми Дивна. Останав дома во голема тага. Ги откажав настапите. Не бев способна да одам да пеам, да танцувам. Во главата имав вистинско лудило. Силниот кошмар ми ја одземаше снагата, вели Јелена

 Како што се наближува годишнината од смртта на најголемата музичка македонска ѕвезда, Тоше Проески, така кај многумина негови колеги и колешки и оттука и од странство навираат куп сеќавања. Многу такви сеќавања на дружбата со Тоше деновиве сподели балканската (контроверзна) пејачка Јелена Карлешуа, која и понатаму ја ословуваат  со „мала од скандала“. Сепак, во тие сеќавања за Тоше, секако дека нема ниту една трошка од некаков скандал. Напротив, сè е исполнето со многу емоции, спомени, па и солзи.

–Тоше имаше 19 години кога првпат се запознавме. Толку млад, неискусен за естрадата, а со толку голем талент за пеење и за музика. Добро, и јас бев млада, имав 21 година и само што научив да возам автомобил. Тогаш живеев во Атина, Грција, па од некоја грчка компанија добив добар мал автомобил како во вид спонзорство. Со тоа автомобилче јас и Тоше секој ден патувавме по 40-тина минути низ Атина до студиото каде што ги снимавме албумите. Тоше го снимаше својот втор албум, „Ако ме погледнеш во очи“, а јас правев миксови од своите дотогаш најголемите хитови, вклучувајќи го и хитот „Блага малечка“.

Тука со нас беше и неговата идна, најдобрата менаџерка, Љиљана Петровиќ. Тогаш јас работев со неа. Тие двајцата така се запознаа. Тоше беше неверојатно многу вљубен во песната, во пеењето. Нонстоп си пееше, мислам дури и кога одел во тоалет. Јас и оттаму го слушав. Еднаш безобразно го задевав, велејќи му, „дали и додека мочаш исто така убаво пееш“? Тој се посрами, а јас се „гризнав“ за јазикот! Сакав да го опуштам, беше малку стегнат. Имам многу спомени од другарувањето со Тоше. И оттаму во Грција и потоа во Србија. Ме освои со својата вродена харизма, но никогаш не помислував да ми биде момче. Иако беше убавец, убаво развиен, вистинско машко. Сепак, имам сосема некои други критериуми за да одам со некој в кревет. Многу сум пребирлива, кај секој маж наоѓам физички мани.

Но, сега не е тоа темата. Никогаш, додека сум жива, додека чекорам и дишам, нема да го заборавам црниот ден кога ми јавија дека загинал во тешка сообраќајна несреќа.
Пред тоа не сум плачела толку многу во животот, освен потоа на погребот на мајка ми.
Останав дома во голема тага. Ги откажав настапите. Не бев способна да одам да пеам, да танцувам, да глумам лудило. Бидејќи во самата глава имав вистинско лудило. Силниот кошмар ми ја одземаше снагата. Цел ден плачев стисната во некоја фотелја во спалната соба. Гледав нонстоп вести на ТВ и читав сè што објавуваа медиумите. Тежок ден за мене, на кој не сакам да се сеќавам ниту во сон.

Тоше беше едно навистина неуморно, темпераментно момче, се сеќава Карлеуша на другарувањето со Тоше. Единствено жалам што никогаш не снимивме дует, како што Тоше направи со легендарната Есма Реџепова. Таа нивна песна „Магија“ ја слушам до ден-денес. Сè уште ми звучи неверојатно добро, свежо, интересно, со тој неговиот ангелски глас.  (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ