Јазик и идентитет – ако не се политичка процена, зошто се политички услов?!

Дел од познавачите во земјава велат дека фактот што трите најголеми партии во Европскиот парламент се договориле да се отстранат македонски јазик и македонски идентитет од извештајот не остава сомневање дека тоа утре нема да се случи. Но, доколку навистина постои поширок политички консензус во Европскиот парламент дека на идентитетот и на јазикот местото не им е во изваштајот, тогаш е неопходно јасно да се истакне дека токму тие теми – јазикот и националниот идентитет – не само што не треба да бидат предмет на политички толкувања туку уште помалку смеат да се користат како услов или пречка за членство во Европската унија, што Бугарија ѝ го прави на Македонија. Европската идеја почива на почитување на различностите, на културниот и јазичниот плурализам, а инсистирањето на какви било условувања поврзани со идентитетските прашања не само што е спротивно на европските вредности туку претставува и опасен преседан кој може да ги поткопа темелите на проширувањето и стабилноста на регионот

423

Во пресрет на утрешната расправа и гласањето во среда за Извештајот за напредокот на Македонија кон Европската Унија, повторно на површина излегоа прашањата што не би требало ни да се поставуваат – јазикот и идентитетот на македонскиот народ. Пораките кои доаѓаат од Софија, со јасна цел да се избришат формулациите „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од финалниот текст на извештајот, иако веќе добија поддршка во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), сами по себе се длабоко контрадикторни. Од една страна се тврди дека идентитетот и јазикот не треба да бидат предмет на политичка процена, но од друга страна, токму македонскиот идентитет и македонскиот јазик политички се поставуваат како услов во процесот на пристапување на земјава кон Унијата.

Бугарската европратеничка, Цветелина Пенкова, во разговор за „БНР“ порача дека јазикот и идентитетот не се предмет на политичка процена и потврди дека парламентарните групи на Европската народна партија, Социјалистите и демократите и „Обнови ја Европа“ во ЕП имаат политички договор да ги отстранат сите споменувања на македонски идентитет и македонски јазик од Предлог-извештајот за напредокот на Македонија.

Не очекувам никакви изненадувања на гласањето на 8 јули за влезот на Бугарија во еврозоната и за Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија. Во пленарната сала ќе предложиме амандман на овој извештај, а овој амандман вклучува бришење на сите референции за идентитет и јазик. Сите се обединивме околу ставот дека целта на таков извештај е да обезбеди објективна анализа на напредокот на земјата на нејзиниот пат кон европска интеграција. Јазикот и идентитетот не се предмет на политичка проценка. Преседан е тие воопшто да бидат присутни во таков извештај, вели бугарската европратеничка од коалицијата Бугарска социјалистичка партија (БСП)/Европска прогресивна партија (ПЕС) во разговор за „БНР“.

Според неа, известувачот Томас Вајц има големо сериозно искуство во европските институции и е многу запознаен со проблемите и предизвиците со кои се соочуваме на Балканот.

Дозволувајќи си да постави таков амандман во толку важен и чувствителен извештај за Бугарија – земја членка на ЕУ, дава основа да се мисли дека постои мешање или влијание во негова насока. Ова предизвика доста сериозни загрижености кај колегите, претставници на многу политички партии, од многу земји, заклучува Пенкова.

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, и денеска рече дека целта на Софија е со внесување на неколку стотини граѓани во Уставот, да отпочнат тврдењата дека пописните податоци не се точни и Бугарија да бара соодветна застапеност, што ќе биде основа за ново вето од источниот сосед на македонските евроинтрегации.

Претходно, изминатиот викенд, во телевизиско гостување, Мицкоски рече дека никогаш порано во Европскиот парламент не се зборувало гласно и не се спомнувало во европски извештај за македонски идентитет и јазик и првпат во изминатите 34 години идентитетот и јазикот се дел од извештај на известител за Македонија. Премиерот е задоволен што тој извештај го помина првиот филтер во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и тоа ќе остане во институционална меморија на ЕП.

Според него, важно е што на сите им стана јасно дека, во суштина, проблемот не е во неколку стотина Бугари во Уставот, туку е многу подлабок.

Тоа што извештајот помина на АФЕТ и ќе се најде пред ЕП, пред тие што на талибански начин ќе го поднесат амандманот за бришење на идентитетот и јазикот, значи дека тој ќе биде во овој облик како што помина на АФЕТ. Првпат европарламентарците во главниот град на Европа, Брисел, на маса ќе го имаат ова пред себе. Но, ќе се најде некој европарламентарец со талибански навики и залутан во политиката, кој ќе предложи таков амандман за бришење на јазикот и негирање на македонскиот идентитет и јазик, рече Мицкоски во гостување на Сител телевизија.

Премиерот наведе дека има две дилеми кои се анализираат во врска со барањето за внесувањето на Бугарите во Уставот.

Прво, човекови права. Во многу извештаи на Советот на Европа нема показатели дека се нарушуваат човековите права кај нас. Второ – велат дека има 200 илјади Бугари, што е 10 проценти од населението, што може да доведе до нови барања за 10 проценти судии, обвинители, во јавната администрација итн. Ако не го испорачате тоа, ќе има ново вето, истакна Мицкоски и посочи дека ако ние имаме обврски, има и Бугарија, која иако има потпишано меѓународни конвенции за човекови права, не ги почитува 14 пресуди на Судот во Стразбур за нарушени права на Македонците во Бугарија и за признавање на ОМО Илинден Пирин.

Дел од познавачите во земјава велат дека фактот што трите најголеми партии во Европскиот парламент се договориле да се отстранат македонски јазик и македонски идентитет од извештајот не остава сомневање дека тоа утре нема да се случи. Но, доколку навистина постои поширок политички консензус во Европскиот парламент дека на идентитетот и на јазикот местото не им е во изваштајот, тогаш е неопходно јасно да се истакне дека токму тие теми – јазикот и националниот идентитет – не само што не треба да бидат предмет на политички толкувања туку уште помалку смеат да се користат како услов или пречка за членство во Европската Унија, што Бугарија ѝ го прави на Македонија. Европската идеја почива на почитување на различностите, на културниот и јазичниот плурализам, а инсистирањето на какви било условувања поврзани со идентитетските прашања не само што е спротивно на европските вредности туку претставува и опасен преседан кој може да ги поткопа темелите на проширувањето и стабилноста на регионот.

Дебатата за извештајот на Вајц врз основа на извештаите на Европската комисија за 2023 и 2024 година за земјава е закажана за утре во доцните попладневни часови, а гласањето на европратениците по документот е предвидено за в среда. Според информациите кои ги соопштија бугарските европратеници трите највлијателни политички групации во Европскиот парламент – Европската народна партија, Социјалистите и демократите и либералната група Обнова – постигнале договор за целосно бришење на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија. Премиерот Мицкоски го оцени овој потег како „талибански начин“ на политичко и идентитетско бришење, предупредувајќи дека Европската Унија не само што го загрозува европскиот дух туку и директно учествува во политичко и културно обезличување на македонскиот народ. Ставот на македонските власти е дека ЕУ и Бугарија мора да дадат гаранции дека уставните измени се последниот услов за земјава, надвор од Копенхашките критериуми. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ