петок, јануари 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Јавноста на нозе, се бара хемиска кастрација за педофилите

Јавноста на нозе, се бара хемиска кастрација за педофилите

По грозоморното силување на 13-годишно девојче во Неготинско

56
Medical X-Ray Scan - Prostate

Речиси секој трет ден, во земјава има случај на сексуално насилство врз дете. Последниот, од страна на Обвинителството се гони по една од најтешките форми, силување дете кое не наполнило 15 години. Девојчето од неготинскиот крај било силувано лани во февруари, од четворица мажи кои ја тепале и ја навредувале, по што ја вратиле дома. По секој ваков монструозен настан, каде што жртвата на сексуално насилство е дете, јавноста ја бара хемиската кастрација како единствен начин да се спречат педофилите во повторување на делото. Пред повеќе од десет години, нашиот закон предвидуваше ваква безбедносна мерка доколку осудениот доброволно се согласи на тоа, а во замена на помала затворска казна, но таа никогаш не се примени во практиката

Случајот со силувањето на 13-годишното девојче од четворица мажи во Неготинско предизвика силни реакции во јавноста. Под објавите на грозоморниот чин, граѓаните бараат од македонските власти да воведат хемиска кастрација како начин да им се застане на патот на педофилите.

Речиси секој трет ден во земјава има случај на сексуално насилство врз дете. Последниот случај, од страна на Обвинителството, се гони по една од најтешките форми, силување дете кое не наполнило 15 години. Девојчето од неготинскиот крај било силувано лани во февруари, од четворица мажи, 40-годишник, 26-годишник, 22-годишник и 20-годишник. Додека го правеле злосторството, ја тепале и ја навредувале, по што ја вратиле дома. Требало да помине време додека жртвата се охрабрила да зборува. Иако истражната постапка е од пред само неколку дена, кога тие на 28 јануари беа уапсени па однесени во истражен затвор, сепак, предистрагата за нив била отворена од претходно, кога четворицата биле под мерки за обезбедување, а со жртвата се спроведувале таканаречени техники на евалуација, велат извори за весникот ВЕЧЕР од истрагата.

„Во текот на претходната постапка, осомничените беа обезбедени со мерки на претпазливост, а со поведувањето на истрагата, јавниот обвинител побара од судот мерките да се заменат со ефективен притвор“, објави вчера ОЈО.

Во објавата на случајот, Обвинителството од Кавадарци кажа дека девојчето се познавало со еден од нив. Искористувајќи ја довербата кај детето, го однеле со автомобил на друго место и на суров начин ја силувале. Со тоа го сториле кривичното дело силување на дете кое нема наполнето 15 години.

„Ако поради чинот настапила тешка телесна повреда, смрт или други тешки последици, или делото е сторено од страна на повеќе лица или на особено суров или понижувачки начин или од омраза, сторителот ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор“, вели Кривичниот законик.

„За“ или „Против“ хемиската кастрација?

По секој ваков монструозен настан, каде што жртвата на сексуално насилство е дете, јавноста ја бара хемиската кастрација како единствен начин да се спречат педофилите во повторување на делото.

Тоа е медицински третман со лекови, со кој се намалува сексуалниот нагон и сексуалната активност, најчесто преку намалување на тестостеронот кај мажите или преку влијание врз хормоните.

Пред повеќе од десет години, нашиот закон предвидуваше ваква безбедносна мерка доколку осудениот доброволно се согласи на тоа, а во замена на помала затворска казна, но таа никогаш не се примени во практиката.

„Ако за делото е пропишана казна доживотен затвор, судот може да му изрече на сторителот казна затвор од 40 години, ако тој се согласи на медицинско-фармаколошко лекување кое ќе трае до крајот на неговиот живот, предвидуваше законот од 2013 година во однос на хемиските методи на лекување на педофилите. Во практиката не се примени поради проблематизирање на основните човекови права и слободи, јасна директива, специјализирани здравствени институции за терапија, протоколи за набавка и примена на лековите и механизми за следење и евалуација на ефектите.

Меѓу оние што се залагаат за тоа хемиската кастрација да се применува како мерка на осудените педофили, сè уште е Првата детска амбасада „Меѓаши“.

„Континуирано укажуваме дека сексуалната злоупотреба на деца е едно од најтешките кривични дела, со исклучително висок ризик од повторување“, вели нејзиниот директор, Драги Змијанац.

„Во јавноста повеќепати сум се залагал хемиската кастрација (медикаментозна терапија) да се разгледува како дополнителна, а не како единствена мерка, особено кај осудени педофили и рецидивисти, со цел спречување на рецидивизмот. Таа мора да биде дел од поширок систем на мерки: долгорочни или доживотни казни затвор, задолжително психијатриско лекување, строг надзор и централен регистар. Фокусот не смее да биде на популизам или на одмазда, туку исклучиво на заштитата на детето и превенција од нови жртви. Во повеќе европски држави, ова прашање се третира сериозно и стручно, и сметам дека и кај нас е потребна аргументирана експертска дебата, а не одлуки донесени под притисок на јавниот шок“, вели Змијанац.

Од европски земји каде што се применува, хемиската кастрација е задолжителна во Полска, а во Франција, Германија и Данска е со согласност на осудениот.

Загрижувачка статистика на сексуално насилство врз дете

Според полициската статистика, во текот на целата 2025 година, во земјава имало 121 случај на кривични дела против половата слобода и половиот морал врз децата – силувања, полови напади, обљуби, задоволување на полови страсти пред дете, производство и дистрибуција на детска порнографија… Такви кривични дела биле извршени врз вкупно 96 деца, стари до 17 години, кои биле жртви на најразлично сексуално насилство. Најголем дел од жртвите биле девојчиња – 88, додека машки деца биле 8. Од 2020 до 2024 година, во Македонија се пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување врз деца. Практично, секоја година има по околу 127 случаи, односно, секој трет ден во земјава се случува сексуалното насилство врз децата.

Црната статистика ги натера властите да го „одмрзнат“ регистарот на осудени педофили, а само од 2024 година треба да се додадат 15 сексуални напаѓачи на дете.

По последниот трагичен случај со 13-годишното девојче од Неготино, Змијанац од „Меѓаши“ смета дека мора да се јакне целиот систем на заштита – и казнениот и превентивниот – со една единствена цел: да спречиме создавање нови детски жртви и трајни трауми.

„Подеднакво важен е и фокусот на превенцијата и раната детекција, каде што клучна улога имаат родителите, потесното и поширокото семејство, како и стручните служби во училиштата. Градењето доверба и отворената и квалитетна комуникација со децата е од суштинско значење за навремено препознавање на злоупотребата и за спречување на нејзино повторување. Во тој контекст, неопходно е да се јакне и препознатливоста на сервисите за психолошка поддршка за деца и млади, како „Ало, Бушавко“, каде што децата можат бесплатно, доверливо и навремено да пријават каква било форма на злоупотреба и да добијат стручна помош и заштита“, вели Змијанац.

Од судската практика, Кривичниот суд во Скопје нема изречено доживотна казна затвор за осуден педофил. Во четиригодишниот период, од 2021 до 2025 година, за полов напад врз дете има 17 осудителни пресуди. Највисоката казна што била изречена е против само двајца и е во висина од 10 години. Има еден осуден на 9 години, еден на 8 години, двајца биле условно осудени, а уште толку се на психијатриско лекување. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ