Сите очи и уши се вперени кон тоа што утре ќе го кажат главните даватели на правдата во судницата во затворот „Идризово“. Далеку од сообраќајниот метеж, приградската населба ќе биде патот на изморените семејства на загинатите деца, кои колку што помина од трагедијата толку ја бараат правдата, на медиумските екипи досега пријавени во најголем број за следење на судењето, на адвокатите, на обвинителскиот тим, на полицајците. Весникот ВЕЧЕР пренесува и дел од обвинителниот акт, чија содржина ја обезбеди. Квалитетно судење очекуваат и бранителите, а адвокатот Звонко Давидовиќ изјави за весникот дека судството и особено Основниот кривичен суд се исправени пред сериозен предизвик

 

Правосудните органи утре започнуваат да го пишуваат најтешкиот тест во поновата историја на Македонија, вистината за 63 млади животи и уште 200 со трајни последици од пламениот обрач нанижан со коруптивни алки повеќе од 13 години. Денеска, сите очи и уши се вперени кон тоа што ќе го кажат главните даватели на правдата во судницата во затворот „Идризово“.

Далеку од сообраќајниот метеж, приградската населба ќе биде патот на изморените семејства на загинатите деца, кои колку што помина од трагедијата толку ја бараат правдата, на медиумските екипи досега пријавени во најголем број за следење на судењето, на адвокатите, на обвинителскиот тим, на полицајците. Влегувањето во најмодерната судница изградена од странски пари ќе оди бавно, во групи, најпрво ќе влезат обвинителите, па бранителите, новинарите, набљудувачите, семејствата. Родителите и повредените, кои треба да сведочат, ќе бидат повикувани во судницата по редослед. Од Кривичниот суд соопштија дека македонската информативна агенција МИА директно ќе го пренесува почетокот на судењето, закажано за 9:30 часот, а Судот сè уште се нема изјаснето дали семејствата на жртвите ќе ги добиваат записниците од секое судење.

На правдата ѝ се обезбедени најсовремените услови за испорака, од простории за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и за јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоците, со можност за изобличување на сликата и на тонот, кабина за преведувачите, како и соодветен безбедносен и мониторинг- систем. Обвинетите ќе влезат од посебен влез. За безбедноста, освен судската полиција, ангажирани се и вработените во МВР, а ќе биде присутна и Брзата помош.

Долг ќе биде обвинителскиот вовед, извлечен од актот испишан на 160 страници, со наводи за една криминална хронологија од 2012 до 16 март 2025 година.
„Обвинети се затоа што… Во периодот од 2012 до 16.3.2025, во Кочани, Виница, Штип и во Скопје, повеќе службени, одговорни и Н.Н. службени и одговорни лица заеднички со учество на дејствие на извршување на кривичното дело, воопшто не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето. Првообвинетите со општо опасно средство експлозивни материи – пиротехника и употреба на истите во затворен простор, предизвикале пожар во угостителскиот објект „Клуб Пулс“ на место каде што биле собрани поголем број луѓе, при настап на музичката група ДНК, во целосно небезбедни и опасни услови поради пропустите на службените и одговорни лица, кои придонеле објектот со дозвола за лесна индустрија да функционира како угостителски…“, вака почнува обвинителниот акт, чија содржина, во дел, ја обезбеди весникот ВЕЧЕР.

Повиците на семејствата што се слушаат секоја сабота на кочанските улици, а изминатиов викенд и пред клучните „правораздавачки“ институции во Скопје, се однесуваат на она напишано како Н.Н. лица во обвинението и бараат да се замени со имиња и презимиња.

– Загубата не е бројка, туку живот. Таа е сериозна навреда на најосновните човекови права. Бараме да се утврди зошто задоцнија институциите. Никој не треба да живее со мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Бараме да се утврди вистината каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцниле. Кој ја имал должноста да спречи, а не спречил – порача сопругата на починатиот пејач Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска.

Семејствата бараат процес без одложувања и купување време.

Давидовиќ: Судството и особено Основниот кривичен суд се исправени пред сериозен предизвик

Претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска, најави дека ќе се одржуваат по две рочишта неделно, нема да има одложувања и дека строго ќе ги контролираат лекарските оправдувања. Квалитетно судење очекуваат и бранителите, сите ние сакаме да ја дознаеме вистината за оваа трагедија, очекува бранителот Звонко Давидовиќ.

– Утре почнува судската постапка за настан кој ја потресе севкупната македонска јавност и сè уште ја потресува, настан во кој 62 лица го загубија животот, 157 лица се здобија со тешки телесни повреди, а 65 лица со телесни повреди. Сериозноста на настанот, пред сè поради фаталните и тешки последици за луѓето што биле присутни на настанот, како и поради неефикасноста и очигледната разнебитеност на системот, бара сеопфатен пристап заради расчистување и расветлување на случајот и утврдување на одговорноста врз основа на сигурни и непобитни докази. Судството и особено Основниот кривичен суд се исправени пред сериозен предизвик, судската пресуда што ќе ја донесе на крајот од оваа постапка треба да ѝ ја соопшти на македонската јавност, особено на оштетените, вистината за оваа трагедија, причините и причинителите што довеле до неа – изјави вчера Давидовиќ за весникот ВЕЧЕР.

А, покрај од судството, големи се очекувањата од јавноста да се расчисти случајот со пожарот во Кочани и од пратениците. На последниот „Марш за ангелите“ на 15 ноември, од пред Собранието, родителите побараа анкетна комисија и надзорна расправа со цел да се расветли целосната одговорност за трагедијата. Опозицијата го поддржа барањето. Лидерот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче, најави дека ќе поднесат предлог во Парламентот.

– Проверка на постапувањето на сите институции, утврдување политичка одговорност… – побара Филипче.

Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, пак, најави дека, како претседател на постојната анкетна комисија, за следната недела ќе закаже посебна седница на која ќе се разгледуваат претставките и наводите на родителите за пожарот во „Пулс“. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ги прифати барањата на СДСМ и на Левица за надзорна расправа и за анкетна комисија за трагедијата во Кочани, но да биде проширена и со другите трагедии.

На обвинителна клупа и тројца градоначалници

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека за „Кочани“ треба да кажат народните избраници во Парламентот.

– Како Влада, досега правевме сѐ што е во наша моќ и ќе продолжиме да го правиме истото. Болката на овие семејства е огромна и должност ни е да ја ублажиме колку што можеме – рече Мицкоски во понеделникот.

На обвинителна клупа треба да седнат тројца градоначалници на Кочани. Љупчо Папазов (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше на функцијата во моментот на трагедијата, како и неговите претходници – Николчо Илијев (СДСМ) и Ратко Димитровски (ВМРО-ДПМНЕ). Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. На списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија, кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови. На обвинителна клупа ќе седне и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој се гони како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор што бил раководител на инспекциската служба во ДЗС. Се гонат и локални инспектори, како што се, на пример, тројца градежни инспектори од Општина Кочани, членови на обезбедувањето.

„…во објектот не биле вградени соодветни материјали, застаклени ѕидови, АБ-столбови и греди, челична конструкција, која треба да се премачка со огноотпорни материјали, конструктивниот систем немал носивост и стабилност поради интервенциите во водоводната и во канализациската инсталација. Објектот се преградувал заради тоалети, добивање паркинг-места, без врати за влез и излез за капацитет од 100 посетители, без инсталација за заштита од пожари, ПП-апарати…“, пишува во обвинението. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ