Немирите што се случија за време на викендот во Милано беа обележани со деструктивни акти на ретко видено насилство, извршени од млади возрасни лица за време на настан кој првенствено беше наменет како протест на младите, соопшти денес Јавното обвинителство на Милано.
Во соопштението се вели дека возрасните уапсени во саботата за немирите во центарот на Милано, за време на кои кон полицајците беа фрлани канти за ѓубре, камења и други предмети, покажаа „апсолутна леснотија во импровизацијата на деструктивни акти на ретко видено насилство“, објави АНСА.
Исто така, се оценува дека уапсените за насилство за време на протестите покажале „значаен криминален потенцијал“ и целосен недостаток на „самоконтрола“. Обвинителството соопшти дека поднело барање за потврда на апсењата и наредбите за притвор за вкупно пет млади лица кои учествувале во инцидентите. Според документите, еден од нив учествувал во инцидентите криејќи го својот идентитет зад фантомка со ликот на познат фудбалер.












