понеделник, јануари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Јавниот збор, кој никогаш не бил на високо ниво, го доживува својот...

Јавниот збор, кој никогаш не бил на високо ниво, го доживува својот најголем пад: „Прдежи“, „тетки на чешма“, „измеќари“… –  уличарски жаргон на политичката елита

Ако од избори до избори јавноста беше сведок на црни кампањи, на дисквалификации на партиските ривали, во последниов период нивото на обраќање стигна до ниво на навредливи и недостојни зборови, кои воопшто не би требало да имаат место во јавниот етер. По слушнатите дисквалификации во периодот на локалните избори како „некрофили“, „измеќари“, „предавници“, „овчари“... сега се слушаат навреди како „предењето по ЕУ“, „има ли некој трезен“, „тетки на чешма“, „излевање фекалии“... За комуникологот Бојан Кордалов, користењето вакво навредување очигледно укажува на некаков страв од гласачите од страна на политичката партија што го прави тоа, како и на недоверба дека граѓаните се зрели и свесни самостојно да направат процена

26

Дно. Ова е нивото што го допираат деновиве меѓупартиските расправии во земјава, најмногу кога се работи за вербалната војна меѓу владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ. Најтешки навреди и дисквалификации на другата страна се она што го слушаат граѓаните деновиве, при што секое ново и ново соопштение покажува дека се оди под секое ниво на пристојност. Така, во врска со дното, кое се допира деновиве со валканиците содржани во партиските ставови, нема гаранции дека нема да се отиде уште пониско при некое ново обраќање, односно дека ќе се пропадне во уште подлабока кал со навредите што му се упатуваат на политичкиот ривал.

Се чини дека јавниот збор на партиите, кој на свој начин го одразува и демократскиот амбиент во земјава и кој никогаш не бил на високо ниво, сега го доживува својот најголем пад. Ако од избори до избори јавноста беше сведок на црни кампањи, на дисквалификации на партиските ривали, во последниов период нивото на обраќање стигна до ниво на навредливи и недостојни зборови, кои воопшто не би требало да имаат место во јавниот етер. Но, ете, и тоа се случува и се поставува прашањето како да се спречи. Медиумските експерти, пак, укажуваат дека ваквиот начин на комуникација од страна на партиите носи потценувачка порака кон граѓаните, кои ги сметаат како незрели за расудување.

Најголема вулгарност

Во јавноста сè уште не се избледени сеќавањата на навредите и дисквалификациите во изминативе две години. Предвремено започнатата кампања за локалните избори генерираше вербално пресметување околу серијата пожари што ѝ се случија на земјава, убиствата како резултат на насилството врз жените, па до одбележувањето шест месеци од кочанската трагедија и ужас што однесе 62 млади животи. Па така се слушнаа зборовите „некрофили“, „измеќари“, „предавници“, „овчари“, „бугаризатори“, за „српскиот свет“, обвиненија за намерно подметнување на пожарите… сè со цел да се придобијат гласовите на граѓаните во пресрет на ланските октомвриски локални избори. А, крајот на изборите донесе само краткотрајно затишје, по кое, последниве недели, вербалната војна стана неконтролирана и полна со најголема вулгарност.

Така, на бранот на опозициските тврдења од редовите на СДСМ и обвинувањата за криминал во земјава, се реди и возвраќањето од најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, за криминалот на водачите на спротивниот табор. Па се слушнаа ставовите на опозицијата дека „не се седнува со криминалци на иста маса“, дека „Мицкоски е Мадуро“, а „ВМРО-ДПМНЕ циркусот на Монти Пајтон и туристичка агенција“, па до дисквалификацијата дека во владејачката партија се „лажговци“, кои измислуваат обвинувања за лидерот на СДСМ дека патува во Дубаи и на други егзотични дестинации.

Неодамна беше допрено дното откако опозицискиот СДСМ ги нападна премиерот Христијан Мицкоски и владиниот вицепремиер Иван Стоилковиќ, кој имал средба со Путиновите пријатели – „Ноќни волци“. На тоа следуваше одговор дека водството на СДСМ било на гости кај српскиот претседател, Александар Вучиќ, каде што јадело гравче поради што имало „отровни гасови“ за „српскиот свет“. На ова веднаш следуваше одговорот од најголемата опозициска партија, која во соопштението насловено „Прдат во анти ЕУ-стратегија за изолација на Македонија“ даде свој одговор.

– Прашуваме, овен што прдат по медиумите, дали Стоилковиќ, сега заедно со Вучиќ, прдна во чорбата за прашањето за ЕУ. Ова ли е повикот за влез на цел Балкан во ЕУ заедно? Или прдењето по ЕУ е дел од анти ЕУ-стратегијата за изолација на Македонија, имајќи предвид дека веќе сме квалификувани како земја од третиот свет?! – соопштија од СДСМ.

На ова брзо возвратија од ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи дали има некој трезен во опозициската партија.

– Ова не е улична расправија, има ли некој трезен меѓу тие што ги пишуваат соопштенијата и реакциите во партијата? Ова не е улична расправија, не е ниту академска реакција на Заев и Венко. За жал, ова е уште едно соопштение од СДС. Со оглед на нивото и стилот на кланот Дубаи, диктиран од српските ментори, сакаме да прашаме: има ли некој нормален и трезен меѓу тие што пишуваат соопштенија и реакции во СДС? – потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Одговорни лидери и политички елити

Комуникологот Бојан Кордалов вели за весникот ВЕЧЕР дека користењето уште пожесток и понавредлив вокабулар има своја цел.

– Ова очигледно укажува на некаков страв од гласачите од страна на политичката партија што го прави тоа, како и на недоверба дека се зрели и свесни граѓаните самостојно да направат процена и да донесат став во однос на политичките и општествените прашања, па тука е партискиот „суд“ да им „нареди“ како треба да размислуваат. Остриот комуникациски наратив, веројатно, цели да испрати посебно порака до најлојалните партиски членови и симпатизери дека не смеат да скршнат од патот на лидерите и дека постои „само една вистина“ за нив – објаснува Кордалов.

Ниското ниво на комуникација последниве недели се чита и во соопштенијата на владејачката партија, од каде што доаѓаат серија обвинувања, најмногу кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Во нејзините партиски соопштенија, Филиче дури се споредува со тетка на чешма.

– На Филипче, виновен му е народот и секој што мисли дека е криминалец, само не се тој и Заев. Жална е епизодата кога ќе го гледате лидерот на некогаш големиот СДС како се жали како тетка на чешма за тешката судбина во која сами се доведоа тој и менторот од Дубаи, Зоран Заев. Кога ќе ги побара одговорите на дилемите во своите редови, тогаш ќе ја сфати и сериозноста на проблемите. Досега го јадеа шлагот на тендерите, бизнисите на Вицето, зделките и куферчињата на Заев, зделките и профитите од модуларната болница, хациендите што си ги градеа. Проблем е што стигнаа сега до фекалиите што се излеаја врз СДС и народот го гледа сето тоа. Од тој аспект, Венко Филипче е штетен за државата и за граѓаните – нагласија неодамна од владејачката партија.

Неодамна, пак, владејачката партија му даде ново име на Филипче – Заефче, а тие, пак, ја крстија платформата „за истражување и архивирање корупциски операции“ – Мицко.

Сето ова се соопштува во ситуација кога комуникациските експерти постојано укажуваат дека таквиот начин на комуникација не носи поени кај граѓаните, но партиите очигледно упорно не се откажуваат од него. Според Кордалов, финалната одлука, оттука и одговорноста, паѓа на лидерите и на политичките елити.

– Само во 2025 година, светот посведочи на добивањето два големи изборни циклуси базирани на позитивна кампања и истовремено различна понуда и решенија, наместо голо препукување и омаловажување на опонентите. На крајот на краиштата, видовме и големи пресвртни резултати кај кандидати што водеа позитивна кампања и во Скопје за овие локални избори, па постигнаа резултат што никогаш дотогаш не се ни замислувало дека ќе се постигне. Тоа се фактите, како и резултатите – вели овој комуниколог.

Никој не зборува за маката на граѓаните

Комуникологот Бојан Кордалов се согласува дека ваквиот навредлив вокабулар е своевидно навредување на граѓаните.

– Со сигурност, таквиот пристап е игнорирање и исклучување на граѓаните. Бидејќи во оваа реторика никој не зборува за маката на граѓаните, потребите и за одговорноста кон луѓето, туку се сведува на тоа зошто треба некој веднаш да си оди од власт, односно зошто некој никогаш повторно не треба да дојде до власт. И ако вака реално се погледне пораката што се испраќа, гледаме дека нема ни „г“ од граѓаните, има малку „п“ од проблемите и воопшто нема „р“ од решенијата на проблемите во општеството. Со таков рецепт, исходот уште отсега може да се предвиди – потенцира тој.

ИЗДВОЕНИ