Јавниот простор мора да се уредува според потребите на граѓаните

53

Граѓаните  сакаат град со повеќе зеленило, сенка, клупи и пристапност – простори што подеднакво им служат и на луѓето и на природата. Тие го порачаа тоа од петтото издание на Социо-еколошкиот форум што се одржа во Скопје, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија во Скопје и Прогрес институтот за социјална демократија .

Форумот почна со едукативна прошетка низ централното градско подрачје, преку која учесниците имаа можност низ разговори и набљудувања да го согледаат урбаниот простор од перспектива на граѓаните.

Годинашниот форум беше посветен на концептот „placemaking“, кој го третира јавниот простор како заеднички процес на создавање и одржување.  Во услови на сè поголеми социјални нееднаквости и еколошки предизвици, овој пристап се наметнува како насока кон социо-еколошка правда и кон развој на правични, зелени и отпорни градови.

Програмата опфати три тематски работилници – за климатски отпорни простори, за пристапност и инклузивност, како и за енергетска ефикасност во урбаното уредување.

Во рамки на форумот беше прикажан и документарниот филм „Скопје Ремикс“, кој преку девет приказни на десет македонски режисери го прикажува градот низ погледот на неговата супкултурна сцена – луѓето кои најактивно ги користат и ги оживуваат јавните простори.

Од Фондацијата „Фридрих Еберт“ порачаа дека јавните простори мора да се уредуваат според реалните потреби на граѓаните. Недостигот од зеленило, резултат на долгогодишната бетонизација, го прави неопходен процесот на повторно „озеленување“ и ослободување на заедничките урбани површини.

На панел-дискусиите и на работилниците зедоа учество бројни експерти, меѓу кои проф. д-р Кирил Сотировски од Шумарскиот факултет, инженерот и проектен менаџер Јаков Попоски од „Про пис  Маседониа“ (Pro Peace Macedonia), политичарот и поранешен градоначалник на Шабац, Небојша Зеленовиќ, политикологот и активистка за социјална правда, Тудорина Михаи од ФЕС Романија, и новинарката и истражувачка, Искра Крстиќ од медиумот „Машина“ („Mašina“).

На настанот присуствуваа и Константинос Декавалас, локален советник во Град Атина, архитектката Љубица Славковиќ од „Нова планска пракса“ – Србија, и архитектката и урбан социолог, Ива Петрунова.

Социо-еколошкиот форум уште еднаш ја потврди идејата дека урбаната трансформација започнува токму таму каде што луѓето живеат, се движат и се среќаваат – во јавниот простор што сите го делат.

 

ИЗДВОЕНИ