Алармантна состојба со возниот парк, сè помал број исправни автобуси и драстичен пад на бројот на патници – ова се клучните наоди од најновото истражување и база на податоци што ги објави Центар за граѓански комуникации за капацитетите на Јавно сообраќајно претпријатие Скопје.

Податоците покажуваат дека за само десет години, бројот на превезени патници во автобусите на ЈСП е намален за 30 милиони годишно. Ако во 2015 година со автобусите се возеле 51,6 милиони патници, во 2025 година таа бројка е сведена на само 22 милиони патници годишно. Падот започнал и пред ковид-кризата, но продолжил и по 2023 година, при што само во 2024 година бројот на патници се намалил за речиси 6 милиони, а во 2025 година за дополнителни 3 милиони.

Во исто време, се намалува и бројот на автобуси. Во моментов, ЈСП располага со 341 автобус, но дневно исправни се само 185, а во сообраќај се пуштаат во просек 157 автобуси на сите градски и приградски линии. За споредба, во 2015 година претпријатието имало 430 автобуси, од кои 316 биле исправни, а 213 секојдневно сообраќале. Тоа значи дека денес има 40 проценти помалку исправни автобуси отколку пред десет години.

Со намалувањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост. Таа сега изнесува 13,3 години и е највисока во последната деценија. Последните позначајни обновувања на возниот парк се случиле во 2020 година со набавката на 33 автобуси од марката МАН, како и во 2021 година кога биле отпишани постарите автобуси од марката „санос“. Најстарите автобуси, десет на број, се токму од марката „санос“ и се стари повеќе од три децении. Од понов датум се шесте еколошки автобуси од турската марка БМЦ, донација од Европската Унија во 2025 година.

Најголем дел од возниот парк, односно повеќе од 80 проценти, го сочинуваат автобуси од кинеската марка „јутонг“ и украинската ЛАЗ. Дури 210 автобуси се „јутонг“, што претставува 62 проценти од вкупниот број, додека 64 автобуси се ЛАЗ. Само 10 проценти од автобусите се од поновите МАН.

Кога станува збор за еколошките стандарди, состојбата, исто така, не е охрабрувачка. Само околу 12 проценти од автобусите ги исполнуваат највисоките стандарди Еуро 6. Поголемиот дел, односно 63 проценти, се со Еуро 5 стандард, додека 24 проценти се со Еуро 4, што значи дека значителен дел од возниот парк не ги исполнува најсовремените еколошки критериуми.

И покрај намалениот број патници, финансиските приходи на претпријатието во последните десет години во просек изнесуваат околу 29 милиони евра годишно. Околу половина од приходите доаѓаат од линиски превоз на патници, додека околу 40 проценти се од субвенции, најчесто за бесплатен превоз и за покривање на тешкотиите во работењето.

Финансиските резултати се променливи – во анализираниот период од 2015 до 2024 година, ЈСП прикажало добивка во седум години, а загуба во три. За 2024 година е прикажана добивка од околу 3 милиони евра, но ревизорскиот извештај укажува дека таа не е реално прикажана, бидејќи не биле евидентирани како трошок обврските кон приватните превозници. Доколку тие се вкалкулирале, добивката би се намалила на околу 600 илјади евра.

Истражувањето е изработено врз основа на годишните извештаи на ЈСП и податоци добиени преку слободен пристап до информации од јавен карактер, а наодите отвораат сериозни прашања за одржливоста и за иднината на јавниот автобуски превоз во главниот град.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ