Јавниот долг е на најниско ниво во последните пет години. Во првиот квартал годинава, јавниот долг е 57,7 проценти од бруто домашниот производ (БДП). Овој податок што го објави Министерството за финансии, за премиерот Христијан Мицкоски е еден од индикаторите дека македонската економија се консолидира по слободниот пад што го имаше во изминативе години и оти следува период на развој и реализација на стратешките цели на Владата. Тој подвлече дека има намалување од 50,1 процент од БДП и на државниот долг и споредено со 2020 година, тоа е за 0,7 проценти

 

Јавниот долг е на најниско ниво во последните пет години. Во првиот квартал од годинава, јавниот долг е 57,7 проценти од бруто домашниот производ (БДП). Овој податок што го објави Министерството за финансии, за премиерот Христијан Мицкоски е еден од индикаторите дека македонската економија се консолидира по слободниот пад што го имаше во изминативе години и оти следува период на развој и реализација на стратешките цели на Владата.

Тој подвлече дека има намалување од 50,1 процент од БДП и на државниот долг и споредено со 2020 година, намалувањето е за 0,7 проценти.

– Тоа се одлични индикатори за состојбата на македонската економија. По првата фаза на стопирање на слободното паѓање што се случуваше седум години, побргу од очекуваното се случи консолидирање. Сега следува период на развој и реализација на стратешките цели во овој мандат на Владата. Продолжуваме со дисциплинираните и развојни економски политики – рече Мицкоски.

Премиерот очекува да продолжи тенденцијата на намалување на јавниот долг и неговото ниво до крајот на мандатот на оваа Влада да изнесува под 55 проценти, па дури, како што рече, и под 50 проценти. Мицкоски очекува и државниот долг до крајот на владиниот мандат да биде под 45 или под 40 отсто.

Според него, важно е и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари.

– Очекувам оваа тенденција да продолжи, имаме ниво на јавен и државен долг во однос на БДП, кој е најнизок во последните пет години. Имаме јасна стратегија, до крајот на мандатот, овие параметри да ги сведеме на: јавниот долг да биде под 55, а зошто да не и под 50 отсто, а државниот под 45 или 40 отсто. Но, за мене, е важно и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари. Сега сме на ниво од 17 милијарди за 2025 година. До крајот на овој мандат, очекувам Владата да ги исполни овие три стратешки цели во делот на макроекономските показатели и мислам дека ќе се случи тоа. Во наредните месеци ќе објавиме убави вести за македонската економија и за македонските граѓани – подвлече премиерот.

Од Министерството за финансии соопштија дека намалувањето на јавниот долг во апсолутен износ изнесува 36 милиони евра.

– Јавниот долг од 62,4 отсто од БДП на крајот од 2024 година се спушти на 57,7 проценти, што е резултат на мерките што ги преземаме за фискална консолидација, мерките за намалување на непродуктивните трошења, како и напорите за подигнување на економската активност – вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Според неа, целта да се оди кон понизок буџетски дефицит, согласно со фискалните правила од 3 отсто и јавен долг под 60 проценти од БДП, е остварлива, само бара многу посветеност и напор на секое ниво, како на страната на прибирањето на приходите така и на расходната страна. Дополнително, како што додава, и она што е многу важно што го работи оваа Влада, е посветеноста на реализацијата на инвестициите, кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст, што, на долг рок, ќе донесе намалување на нивото на долгот.

Димитриеска-Кочоска нагласува дека клучна цел на Министерството за финансии и на Владата е подобрувањето на управувањето со јавните финансии, како и одржувањето високо ниво на капиталните расходи, кои ќе ги поддржат долгорочните економски приоритети.

Во првиот квартал, Владата, односно Министерството за финансии, изврши исплата на еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Дополнително, во овој квартал е извршена вкупна исплата на обврските по основ на главнината за надворешниот јавен долг во износ од 679,4 милиони евра, вклучително и еврообврзницата.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ