– Владата ги задолжи министерствата за транспорт, за животна средина и просторно планирање и за култура и туризам, како и општините Охрид, Струга и Дебарца, во наредниот период да подготват и да достават предлог-закон за изменување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион. Да се разгледа Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, особено во делот на урбанизацијата и бесправно изградените објекти, да се предложи изменување на соодветните законски и други акти и интензивно да се работи на спроведување на препораките од извештајот на УНЕСКО – кажа, меѓу другото, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на третата седница на Националната комисија за УНЕСКО, која се одржа вчера, во Охрид.
Тој истакна дека се потребни јасна координација и одговорност, бидејќи нашата обврска била до 1 февруари 2026 година, заедно со Албанија, да се достави извештај за напредокот во заштитата на Охридскиот Регион.
Како претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Љутков информираше и дека Владата, на седницата во јули годинава, веќе донела заклучоци, кои се во постапка на спроведување, како и дека Министерството за култура и туризам активно учествува со свои претставници во сите работни групи.
– На денешниот состанок се предвиде и временска рамка за реализација на сите предвидени активности, за што ќе ги информираме и Владата и македонската јавност. Затоа, испраќам јасна порака: секој орган и институција да ги преземе своите надлежности без одложување, бидејќи само со заедничка акција ќе покажеме конкретен и видлив напредок и ќе го заштитиме Охридскиот Регион. Охрид е наша гордост, но и наша обврска, затоа секој мора да ја преземе својата одговорност во овој процес – додаде Љутков.
Инаку, на 47. сесија на Комитетот за светско наследство во Париз, на која учествуваше и официјална делегација од нашата држава, беше разгледана состојбата со заштитата на Охридскиот Регион, при што беше усвоена одлука со која на Македонија и на Албанија им беше даден дополнителен рок од една година за спроведување на корективните мерки, со цел да се обезбеди зачувување на статусот на регионот и на неговата универзална вредност.
Во нацрт-одлуката на Комитетот на УНЕСКО, меѓу другото, беа посочени забелешките наведени во реактивната мониторинг-мисија од минатата година, со заклучок дека урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикацијата на езерото, големите инфраструктурни и други проекти предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје, што довело до неповратна деградација. Одлуката за дополнителен рок следуваше откако Комитетот предложи регионот на Охридското Езеро да се стави на листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање на деградацијата и враќање на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност на имотот.
Од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, пак, реагираат дека состојбите на терен се катастрофални и дека не се почитуваат урбанистичките планови, ниту, пак, препораките дадени од УНЕСКО, со што се загрозува нашето културно наследство. Тие сметаат дека надлежните треба да ја видат реалната ситуација на терен и да се уверат дека постојано се прави кршење на законите.
– Додека носителите на јавни функции се собираат по хотели, надвор состојбата е сосема поинаква. Сè додека не се одржуваат седниците на локации каде што се уништуваат и загрозуваат природното и културното наследство на Охридскиот Регион, ќе нема вистински исчекор напред кон заштита и почитување на она што сме го наследиле – велат од „Охрид СОС“. (Д. Т.)