Поранешниот селектор на Македонија и легенда од првата генерација на нашата селекција, Бошко Ѓуровски, за поткастот на српски „Мондо“ откри дека е горд Македонец, но и Србин.

Ѓуровски остави голем белег во Црвена звезда, па токму затоа често се појавува во српските медиуми, на кои совршено им се „додворува“. Стрелецот на првиот хет-трик за Македонија на еден меч (против Кипар во 1995 година), а потоа неуспешен селектор на кормилото на „црвено-жолтите“, посебен акцент во интервјуто стави на своето потекло – кое е српско.

  • Роден сум во Македонија. Мојот дедо и прадедо, колку што знам, исто така се родени таму, односно, тоа беше Стара Србија, и денес кога луѓето ме прашуваат како се чувствувам, морам да кажам дека сум горд што сум Македонец, што сум роден во Македонија, но моето потекло е српско. Од таа гледна точка, се чувствувам и Македонец и Србин. Татко ми е роден во Белград, мојот дедо исто така живеел во Белград. По Втората светска војна, тие се вратија да живеат таму долу, моето семејство потекнува од семејството Стојановиќ, а по војната, кога ги избиравме презимињата, го сменивме во презиме со наставка -ски, според наредбата на тогашните комунисти. Презимето го добивме од нашиот дедо, Ѓуро – Ѓуровски. Велам дека сум горд што сум роден во Македонија, јас сум Македонец од српско потекло, рече поранешниот фудбалер на Црвена звезда.

Потоа, тој раскажа како дошол до дресот на Црвена звезда, каде го доби статусот на клупска легенда.

  • Во основно училиште имавме ракометна и фудбалска секција. Бевме талентирани деца, дури и ги победувавме тимовите од Скопје. Со оглед на тоа што бевме доста добри, Милко и јас бевме поканети од скаути од Тетекс да бидеме членови на нивниот пионерски тим. Бевме регистрирани, но во тоа време немаше пионерско првенство во Македонија, па не игравме, туку секоја година се одржуваа турнири од втора лига, тоа беше концептот тогаш. Имавме среќа да играме во Земун на еден турнир од втора лига и скаутите на Црвена звезда беа таму, ме забележаа и добив повик од нив. Се сеќавам кога татко ми отиде на телефон, во тоа време, отиде во пошта да разговара со нив и договори да одам во тој клуб, се присети Ѓуровски.

ИЗДВОЕНИ