ЈП Лајка ја започнува својата нова кампања со силна порака која има за цел да ја смени општествената перцепција за една од најстигматизираните раси на кучиња – питбулите. Кампањата, симболично насловена „Јас не сум за борби. Јас сум за гушкање.”, е емотивен повик за подигање на свеста и рушење на длабоко вкоренетите предрасуди. Таа ги претставува питбулите онакви какви што навистина се – чувствителни, лојални и подготвени за љубов, не за насилство.
Во рамки на кампањата, ќе бидат објавени фотографии со питбулите сместени во нашето јавно прифатилиште – кучиња кои предолго се жртви на погрешни сфаќања.
– Тие не се родени за борби. Тие се родени за блискост, за семејство, за гушкање. Веруваме дека секое животно заслужува фер шанса. Нашите питбули се докажани како питоми и приврзани пријатели кои со години чекаат некој да ги види онакви какви што навистина се – велат од ЈП Лајка.
Оттаму ја повикуваат јавноста да ги погледне овие прекрасни кучиња низ поинакви очи, медиумите да помогнат во рушењето на стигмата, а семејствата да отворат срце и дом за љубов, не за предрасуда.