Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара, денеска одржаа работна средба посветена на продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор и заеднички проекти поврзани со зелената транзиција.

На средбата присуствуваа и претставници од јапонската корпорација ИТОЧУ (ITOCHU), една од водечките компании во Јапонија со експертиза во енергетски и индустриски проекти, која веќе покажува интерес за македонскиот пазар и потенцијалите за зелена енергетска трансформација во земјата.

Министерката Божиновска ја оцени поддршката од јапонска страна како значајна за обезбедување на енергетска независност и одржливост и истакна дека Северна Македонија е посветена на конкретни чекори кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина.

Двете страни потврдија дека продлабочувањето на соработката ќе го зацврсти статусот на земјата како кредибилен и доверлив партнер на глобалната енергетска мапа, со посебен акцент на инфраструктурни проекти и реформи во областа на зелената енергија.

На крајот на средбата беше заклучено дека соработката меѓу Министерството за енергетика и јапонските партнери ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – обезбедување на сигурна, одржлива и енергетски зелена иднина за Македонија.

ИЗДВОЕНИ