Македонскиот одбојкарски шампион во женска конкуренција, екипата на Јанта Волеј, го заврши настапот во Лигата на шампините, откако во квалификацискиот плејоф загуби убедливо од француски Валеро Ле Кане со вкупни 6-1 во сетови.
Уште по првиот меч одигран во Скопје беше јасно кој ќе продолжи понатаму, бидејќи фаворитот не дозволи никакво изненадување, па мечот го доби со 3-1. Во реваншот само ја потврдија улогата совладувајќи го македонскиот шампион со убедливи 25:6, 25:13, 25:13.
Најефикасна во нашиот состав беше Мери Бошковска со седум поени, еден повеќе од Ана Ѓоргиевска, а Јасмин Ледесма освои четири.
Со две победи и два порази Јанта го завршуваат настапот во најсилното европско клупско натпреварување, но ќе продолжат во ЦЕВ Купот. Во него за противник ќе го има хрватски тим на Младост Загреб. Првиот меч ќе се игра на гости на 3 декември од 20 часот, а реваншот е закажан за седум дена подоцна во Скопје.











