Еден од најдобрите кошаркари на денешницата, Јанис Адетокумбо, наскоро би можел да ја смени средината и да го напушти Милвоки по повеќе од една деценија во тимот.
Како што откри доверливиот инсајдер од НБА, Шамс Чаранија, грчката суперѕвезда, заедно со неговиот агент Алек Сарасис, водат интензивни разговори со раководителите на Бакс за неговата иднина – вклучително и можноста за размена.
Милвоки и Јанис, според информации од САД, ги анализираат сите опции: останување и нов проект, или заминување во нова средина, што би можело да резултира со една од најголемите размени во модерната ера на НБА.
Се очекува конечниот исход да биде познат во наредните недели, а атмосферата околу Бакс станува сè понапната.
Американскиот новинар Брајан Виндхорст претходно тврдеше дека Јанис уште порано изразил желба да игра за Њујорк Никс, што веднаш предизвика лавина од шпекулации. Сепак, Никс не се единствениот кандидат. Во трка за потписот на Адетокумбо би се вклучиле и Голден стејт, како и Мајами.
И НБА инсајдерите најавуваат дека може да се појави и сосема неочекуван кандидат. Сите опции се отворени, а желбата на Јанис на крајот ќе игра одлучувачка улога.
Гркот пристигна во НБА во 2013 година како 15-ти избор на драфтот и го носи дресот на Бакс од првиот ден. Со нив испиша историја, откако во 2021 го освои шампионскиот прстен, беше МВП на финалето во истата година, како и двократен МВП на регуларната сезона (2019, 2020).











