Во време кога се чинеше дека работите можат да се движат во постабилна насока, дојде студен туш од Јанис Адетокумбо за сите обожаватели на Милвоки. Грчката суперѕвезда и прва виолина на тимот јавно потврди дека ќе ги напушти Милвоки Бакс. Со ова, практично, се стави крај на една од најдолгите и најемотивните врски меѓу играч и клуб во модерната ера на НБА.
Во интервју за грчката „Космоте ТВ“, Јанис отворено призна дека односот меѓу него и клубот веќе не е ист.
- Да зависеше од мене, веќе ќе бев во друг клуб. Следното лето, сè ќе биде во мои раце, кога ќе бидам слободен агент, ќе го напуштам Милвоки, порача Јанис.
Оваа изјава јасно сугерира дека популарниот „Грчки вундеркинд“ веќе размислува за следниот чекор во својата кариера. Тоа е исто така порака до раководството на Бакс дека веќе нема време за чекање.
Иако неговиот тековен договор важи до летото 2027 година, ситуацијата на теренот и надвор од него, очигледно, го забрза развојот на настаните. Сè укажува дека клубот би можел да биде принуден да реагира уште следната сезона.
Во спротивност, постои реална опасност една од најголемите ѕвезди во лигата да го напушти тимот без никаква отштета, односно без размени на играчи или пикови.
Токму поради ова, сè повеќе се зборува за можна размена што би можела да следува пред да биде предоцна. Таквото сценарио би било болно, но можеби неизбежно за франшизата на Милвоки, особено имајќи го предвид придонесот што Адетокумбо продолжува да го дава на теренот.
Во тековната сезона, тој бележи импресивни бројки од 28 поени, 10 скока и 5 асистенции по натпревар, статистика што јасно покажува дека тој е сè уште меѓу најдоминантните играчи во лигата.
Неговата вредност на пазарот никогаш не била доведена во прашање и се чини дека веќе има заинтересирани страни. Лос Анџелес Лејкерс веќе се споменуваат како прв фаворит да го доведат.










