„Не само што немаше учебници, ние снемавме и деца, тоа е резултатот на седумгодишното владеење на претходната власт. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заедно со Министерството за образование, ги поставија темелите за изградба на еден силен, модерен, национален систем, ефикасен, конкурентен со другите држави, кој би бил на задоволство на сите чинители, сите фактори кои се вклучени во тој систем, а со една единствена цел, стекнување на поголемо знаење, ефикасност и максимална инклузивност“, нагласи министерката Јаневска.
Јаневска информираше дека во образовниот систем вратени се националните предмети историја и географија, иако минатата власт се обидувала да ги избрише, односно да ги интегрира во некаков замислен систем.
„Со оваа цел тргнавме речиси од ништо, со огромни долгови. Затекнавме 5 милијарди долг, немаше учебници, се помалку ученици. Она што прво го направиме, а тоа е делувавме политички, ја вративме историјата и географијата како национален предмет во образовниот систем кои се обидоа со гумичка да ги избришат, всушност да ги интегрираат во некаков замислен систем. Испечативме учебници и за прв пат годинава ќе имаме после 7 години учебници за странски јазици, и учебници по секој предмет што нашите деца, наставници и родители секако ги заслужуваат“, децидна е Јаневска.
Јаневска истакна дека бил направен голем и крупен чекор со којшто ја вратиле довербата во институцијата Министерство за образование и наука и во Владата, бидејќи претходната власт оставила хаос и разурнати институции.
„Дадовме порака на главната алка во тој систем, а тоа се наставниците со подигање на платата во период од шест месеци за повеќе од 12%, но поважното е што ние веднаш по доаѓањето на власт потпишавме четиригодишен договор за постојано покачување на платата на наставниците. Следните четири години секоја година ќе има покачување на платата на наставниците. И секако некаде повеќе од 14% на наставниците во високото образование“, заклучи Јаневска.