„Јане Сандански“ ќе ечи со „Сите мои слики“ – Гостиварската рок-икона, групата „Ареа“, на 8 ноември во Скопје!

32

Гостиварската рок-икона и воедно атракција за сите сетила, групата „Ареа“, со својата оригинална пејачка Ружица Бричиоска ќе слави 25 години од успешното издавање на култниот албум „Врати на имагинација“, а воедно и четврт век од незаборавниот концерт на Скопски саем. Тој концерт уште се прераскажува меѓу нивните обожаватели. А, „Ареа“ не би била „Ареа“ ако не ја крене публиката на нозе.

Албумот „Врати на имагинација“, издаден пред точно 25 години, претставува македонско рок-музичко богатство од кое буквално секоја песна стана хит, а тоа се: „Сите мои слики“, „Пријател“, „Одведи ме“, „Биди мој“ – песни што ја дефинираа младоста на многу генерации и сè уште имаат свежа енергија и силно-опасна интерпретација на Ружица.

Оваа година, албумот доби ново, свежо, луксузно издание на винил. Тоа е доказ дека вистинската музика не старее, туку новите генерации ја слушаат со ново воодушевување.

– А, зошто да не направиме концерт пак за сите оние што беа на Саем пред 25 години, но и за оние што не успеаја тогаш да влезат, бидејќи билетите беа распродадени два дена порано? – вели распеаната Ружица со сопругот Ивица.

Па, ете така, оваа голема (репризна) рок-журка ќе се одржи на 8 ноември, во СЦ „Јане Сандански“. Билетите се по симболична цена од 600 до 990 денари, а сè е во организација на „Авалон продукција“. (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ