
Легендарниот бразилски фудбалер, Ривалдо, му зададе силна шлаканица на ѕвездата на Барселона, Ламин Јамал. Бразилецот тоа го направи по натпреварот против Челзи во Лигата на шампионите, кој каталонскиот тим го загуби со 3:0, а Јамал беше невидлив на теренот.
Ривалдо ја откри слабоста на ѕвездата на Барселона која според него не го користи целиот талент што го има, а противниците го користат.
„Ламин не беше успешен против Челзи затоа што добро го чуваа. Во такви случаи, мислам дека треба да има повеќе опции во играта, поголема разновидност“, изјави Ривалдо и додаде:
„Тој не може само да игра на десната страна и да ги повторува истите движења одново и одново. За вештините што ги поседува, тоа е премалку за него.“
„Кога се соочува со дефанзивец кој добро го познава, како што беше случајот против Челзи, лесно е да се запре“, заврши Ривалдо.
Ламин Јамал, на 18-годишна возраст, минатата сезона заврши на второто место во изборот за „Златната топка“ на Франс фудбал. Престижната награда сосема заслужено заврши во рацете на крилниот напаѓач на ПСЖ, Осман Дембеле.
Се чини дека ѕвездата на Барса нема да го повтори успехот од минатата сезона, иако неговата статистика е многу добра и оваа сезона. На 14 настапи, тој има седум гола и девет асистенции.
Познатиот Ривалдо го носеше дресот на Барселона пет години. Пристигна на „Камп Ноу“ во 1997 година од Депортиво и остана до 2002 година.
Како играч на Барса, тој беше прогласен за најдобар играч во светот во 1999 година, а освои и два трофеи во Ла Лига.
Одигра вкупно 235 натпревари за каталонскиот гигант, постигнувајќи 130 гола и имајќи 49 асистенции.











