За разлика од Ненад Димитријевиќ, кој и овој пат нема да ги брани боите на Македонија на претквалификациските натпревари против Азербејџан и Ирска, Андреј Јакимовски никогаш го нема одбиено повикот за настап во националниот дрес.
Кошаркарот на италијанско Тренто, кој игра одлично на клупско ниво во Еврокупот и во силната Лега серија А, истакна дека е задоволство да се биде дел од репрезентацијата.
- Задоволство ми е повторно да бидам со репрезентацијата, како што знаете, по одреден период, конечно, сум тука и сакам да помогнам. Сакам да почнеме однекаде, ни следуваат два важни меча во претквалификациите за Европското првенство – вели Јакимовски,
Повратникот во нашата најдобра селекција зрачи со оптимизам во пресрет на првите предизвици, дуелите со Азербејџан во Скопје и со Ирска во Даблин, три дена подоцна.
- Максимално сум фокусиран на првиот меч со Азербејџан, ги повикувам сите и целата јавност да дојдат да ни дадат поддршка. Ова е прв чекор кон нашата цел, а тоа е да бидеме дел од Европското првенство во 2029 година. Поради оправдани причини во изминатите години, не можев да бидам тука, но сега сум во Европа. Подготвен сум да им помогнам на репрезентацијата, на тимот и на селекторот – порача еден од нашите најголем адути во оваа претквалификациска трка.











