Јајцата за еден месец поскапеа за 40 денари од табла, а месото за 10 отсто

Во ноември, најмногу се поскапени јајцата – за 40 денари од табла, а зголемување на цените има и кај месото, кое, во просек, е поскапо за околу 10 отсто. Според информации, се очекува да се зголеми и цената на преработките: колбаси, сувомесни производи, мелено месо... за 10 до 15 проценти. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека и покрај тоа што во ноември има благ пад на трошоците за храна од 371 денар, поради минималното намалување на цените на овошјето и на зеленчукот, сепак, на едно семејство месечно му оди една минимална плата за храна. Граѓаните забележуваат дека постојано растат цените во маркетите и сè потешко излегуваат на крај со ниските плати и пензии

45

За да го преживее месецот, на едно семејство му се потребни 65.173 денари, покажува минималната кошница за ноември, која ја пресмета Сојузот на синдикати на Македонија. И покрај тоа што има благ пад на трошоците за храна од 371 денар поради минималното намалување на цените на овошјето и на зеленчукот, сепак, на едно семејство месечно му оди една минимална плата за храна. Граѓаните забележуваат дека цените во маркетите постојано растат и сè потешко излегуваат на крај со ниските плати и пензии. Најголемо зголемување на цените во ноември има кај јајцата, кои се поскапи за 40 денари за табла и кај месото, кое е поскапо за 10 отсто. Од Владата, пак најавија дека нема да се интервенира со мерки за замрзнување на цените, туку ќе ги казнуваат трговците за непочитување на Законот за нефер трговски практики.

– Државата овој пат нема да интервенира со мерки за замрзнување на цените во маркетите пред претстојните новогодишни и божиќни празници, како што беше со ланската новогодишна кошница. Инфлацијата, горе-долу, е стабилизирана и е со благ пад. Доколку утврдиме дека има некакво непазарно, нелогично зголемување на цените, понатаму ќе размислуваме со какви мерки ќе интервенираме како влада и како министерство – изјави заменик-министерот за економија, Маријан Ристески.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека минатиот месец, најголемо зголемување имало кај цените на јајцата и на месото, кои пораснале, во просек, за 10 отсто.

– Зголемени се одредени продукти како, на пример, јајцата за 40 денари од табла и месото за околу 10 отсто, а има мало намалување на цените на овошјето и на зеленчукот. Поради тоа, има и благо намалување на месечните трошоци за храна од 371 денар. Но, пак на граѓаните им оди една минимална плата за храна и животот станува сè поскап. Поради тоа, го ревидиравме нашето барање за минимална плата на 600 евра – изјави Иван Пешевски од ССМ.

Се очекува кон крајот на месецов да се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе биде утврдена висината на новата потрошувачка кошница, која е еден од факторите што ќе покажат дали треба да се зголеми минималната плата. Друг фактор се инфлацијата и состојбите во економијата. Така, општо е познато дека ако започне трка меѓу платите и инфлацијата во една држава, тогаш платите ја губат таа битка.

– Точно е дека треба да растат платите, но тоа зголемување треба да биде поткрепено со зголемување на продуктивноста. Само на тој начин зголемените плати нема да се одразат на порастот на инфлацијата. Во спротивно, секое поголемо покачување на платите од растот на инфлацијата неминовно води до инфлација – изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Инаку, и граѓаните забележаа дека изминативе денови, во речиси сите маркети, е зголемена цената на јајцата за нaд 10 проценти.

Тоа значи дека ако се продавала по цена од 280 денари, сега една табла со 30 јајца (Л-класа) се продава по цена од 310 денари, односно мала табла од 10 јајца (М-класа), која се продавала по цена од 90 денари, сега чини 105 денари.

Освен кај јајцата, има зголемување на цената и кај месото, особено на свинското и на јунешкото. Според информации, се очекува да се зголеми и цената на преработките: колбаси, сувомесни производи, мелено месо… за 10 до 15 проценти.

Свинското месо моментално се продава, во просек, за 400 денари за килограм, додека килограм јунешко месо е околу 900 денари.

Инфлацијата, според последните статистики, изнесуваше 4,5 проценти. Најголем раст на цените во октомври годинава, во однос на октомври лани, имало кај индустриско- прехранбените производи од 7,5 отсто и кај прехранбените производи од 6,7 отсто. Цените на земјоделските производи за една година пораснале за 4,3 отсто, а на пијалаците за 1,4 отсто.

Земјите во регионот веќе преземаат мерки за справување со инфлацијата, а последна е Хрватска, која ја прошири листата на производи со замрзнати цени за дополнителни 29. На тој начин, бројот на производи со замрзнати цени се зголеми на 100.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ