Јаглеродните пасоши би ограничиле колку ќе може да лета еден патник секоја година за да се помогне во намалувањето на ефектите од климатските промени, кои веќе ги чувствуваме преку екстремно високата температура и огромниот број пожари кои во моментов беснеат во јужна Европа. Идејата за јаглероден пасош се фокусира на тоа на секој патник да му се додели годишен јаглероден кредит што не смее да го надмине.

 

Европските земји притиснати од строгите климатски политики планираат да воведат нов јаглероден пасош кој би можел да одлучува колку често ќе може да се оди на одмор во странство. Јаглеродните пасоши би ограничиле колку еден патник ќе може да лета секоја година за да се помогне во намалувањето на ефектите од климатските промени кои веќе ги чувствуваме преку екстремно високата температура и огромниот број пожари кои во моментов беснеат во јужна Европа.

Идејата за јаглероден пасош се фокусира на тоа на секој патник да му се додели годишен јаглероден кредит што не смее да го надмине. Во пасошите ќе се бележи потрошениот јаглероден отпечаток преку калкулирање на далечината, видот на превозното средство, класата, багажот и други вредности. Кога ќе се достигне одредена граница на ослободен јаглерод од превозот, нема да му се дозволи повеќе да патува до следната година. На пример, повратен лет до некоја прекуокеанска дестинација ќе го потроши кредитот и ќе ограничи до крајот на годината да не смее повеќе да се патува.

Експертите велат дека туризмот е голем дел од проблемот што ги поттикнува климатските промени, бидејќи секторот генерира околу една десетина од емисиите на стакленички гасови што ја предизвикуваат кризата. Рос Бенет-Кук, предавач на Универзитетот во Вестминстер, Англија, смета дека негативните влијанија на туризмот врз животната средина станаа толку сериозни што некои сугерираат дека драстичните промени во нашите навики за патување се неизбежни. Исто така, туроператорот „Интрепид тревл“ од Мелбурн во својот извештај од 2023 година ја анализираше иднината на одржливото патување и оттаму истакнаа дека јаглеродните пасоши наскоро ќе станат реалност.

Некои европски земји, меѓу кои и Велика Британија, планираат да воведат јаглеродни пасоши. Просечниот годишен јаглероден отпечаток за едно лице во Велика Британија е 11,7 тони, што е петпати повеќе од дозволеното препорачано со Парискиот договор за одржување на порастот на глобалната температура под 1,5°Ц. Глобалниот просек е близу 4 тони и треба да се намали на под 2 тони до 2050 година за да има шанса за забавување на климатските промени.

Помеѓу 2013 и 2018 година, количината на ЦО₂ емитирана од комерцијалните авиони ширум светот се зголеми за 32%. Подобрувањата во ефикасноста на горивото полека ги намалуваат емисиите по патник. Но, истражувањето од 2014 година покажа дека какви и да се напорите на индустријата да ги намали своите емисии на јаглерод, тие ќе бидат надминати од порастот на воздушниот сообраќај.

– За да има намалувањето на емисиите каков било значаен ефект, цените на билетите би требало да се зголемуваат за 1,4% секоја година, што ги обесхрабрува некои луѓе да летаат. Сепак, во реалноста, цените на билетите паѓаат – вели Рос Бенет-Кук.

Некои европски земји почнуваат да преземаат мерки за намалување на воздушниот сообраќај. Патниците на кратки летови и постарите авиони во Белгија сега подлежат на зголемени даноци. Франција, пак, ги забрани домашните летови на кратки релации каде што истото патување може да се направи со воз за два и пол часа или помалку. Слични правила во многу блиска иднина се предвидени и за други големи европски земји.

Но, не се критикува само воздушниот сообраќај. Истрагата на Европската федерација за транспорт и животна средина во 2023 година покажа дека крстосувачките бродови испуштаат четирипати повеќе сулфурни гасови (за кои е докажано дека предизвикуваат кисели дождови и неколку респираторни состојби) во атмосферата отколку сите 291 милион автомобили во Европа заедно. Амстердам и Венеција веќе забранија вкотвување големи крстосувачки бродови. Експертите велат дека ќе има уште построги ограничувања за крстосувања со брод, а се препорачуваат тури со воз и автобус. Неколку туристички агенции објавија дека забележале значително зголемување на резервациите за одмор до постудени европски дестинации како Скандинавија, Ирска и Велика Британија за време на врвните летни месеци.

Во последниот извештај на ЕУ за Република Македонија има неколку забелешки (критики) дека не ги исполнуваме добро активностите околу борбата со климатските промени. Најверојатно од следната (2026) година под притисок на ЕУ ќе воведеме плаќање на јаглероден данок за нашите компании во индустријата.

Во Македонија сè уште не се говори за воведување на јаглероден пасош, иако климатските промени најсилно се чувствуваат. Сепак, оние наши граѓани кои своите одмори ги планираат на далечни и егзотични места треба да се подготват да ги променат своите навики за патување сега, пред оваа промена да им биде наметната.

Универзална декларација за човековите права 217 А(III) од 10 декември 1948 година усвоена од Генералното собрание на Обединетите Нации во членот 13 се наведува дека „секој има право на слобода на движење и живеалиште во рамките на границите на секоја држава“ и дека „секој има право да ја напушти земјата, вклучувајќи ја и неговата сопствена земја, како и да се врати во својата земја“.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ