„Јадевме бурек“ – емисијата се укинува, Јанко се пожали: Нема веќе интерес од ниту една телевизија!Емотивен крај!

350

Да ја работам „Јади бурек“ онлајн сам, да бидам искрен, немам сили за тоа, немам енергија. Дополнително, имам и здравствени искушенија, така што во моментов мојот фокус е свртен кон моето здравје

Народот има право кога ги кажува своите мудри поговорки. Па така, сè што е добро, кратко трае. Така е и со ТВ-емисијата „Јади бурек“, која повеќе од една декада беше присутна во македонскиот телевизиски етер. Легендарната емисија „Јади бурек“ сега официјално завршува. Како што би се рекло, бурекот го јадевме, останаа вкусовите. За самиот Јанко, најгорчливиот вкус. Тој останува без својата авторска и водителска емисија по која беше препознатлив и, секако, омилен во народот.

Јанко Илковски порачува дека поради тоа, ја продава сценографијата: панелите, заднината, големата маса, стаклената тркалезна маса, полиците… И искрено жали што нема можност да ја продолжи оваа интересна ТВ-приказна, која секоја вечер собираше пред ТВ-екраните голем број гледачи, кои со вклучувањето во живо дебатираа на најразлични теми, заедно со ексклузивните гости. – Немам ниту спонзори, а не сум ги ни имал. Тој пеј-пер-вју не може да ја покрие ниту сметката за Интернет, а камоли сè друго – разочарано вели Илковски.

„Јади бурек“ не беше само емисија како емисија. Се емитуваше во подоцнежните часови, што е добар термин. Тоа беше ТВ-простор каде што можеа да се чувствуваат гледачите како дел од разговорите. Да се смеат, пошегуваат, да им се навратат на секојдневните радости и проблеми, па и да запеат. Форматот со интервјуа и комуникација во живо ја направи „Јади бурек“ да биде една од најпрепознатливите ТВ-емисии. Иако е така, за чудење е што сега ниту еден од ТВ-сопствениците не покажува ни трошка интерес за да продолжи емисијата со своето емитување.

– Вистина е дека нема веќе интерес од ниту една телевизија за да продолжам со оваа емисија. А, да ја работам онлајн сам, да бидам искрен, немам сили за тоа, немам енергија. Дополнително, имам здравствени искушенија, така што во моментов мојот фокус е свртен кон моето здравје – вели Јанко, потсетувајќи дека зад секоја емисија стои многу вложен труд, а отсега и многу спомени, емоции, сеќавања…

Воедно, Јанко се пожали и на тоа дека и неговата понатамошна егзистенција не е розова.

– Верувале или не, немам право на пензија, бидејќи имам само пет години стаж. Никогаш, ниту една телевизија не ме вработила. А, тие што ме вработиле не плаќале придонеси – напиша  Јанко на социјалните мрежи.

Додава дека им се заблагодарува на сите за ТВ-дружењето, но дека не знае ништо за понатамошната судбина на телевизија „Сонце“, телевизијата која најдолго ја емитуваше емисијата „Јади бурек“ и во која тој најдобро се чувствуваше.  (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ