Нутриционизмот за долг живот не е тренд, диета или маркетинг- стратегија. Тоа е филозофија на живот што се потпира на традицијата, науката и на свесноста. Ако сакаме да живееме долго, не е доволно само да не се разболуваме туку треба и да се храниме така што ќе ги поддржиме нашите тело и ум да останат активни, отпорни и балансирани со текот на времето
Марија СОКОЛОСКА
Секој сака да живее долго, но уште повеќе да живее здраво, витално и среќно. Во свет каде што модерната медицина има моќ да го продолжи животот, но не секогаш и да го подобри неговиот квалитет, ѝ се посветува сè поголемо внимание на превенцијата. И тука нутриционизмот излегува на сцена како една од најмоќните алати за зачувување на здравјето и за одржување на виталноста до доцна во животот.
Но, што значи навистина „да се храниме здраво“ кога зборуваме за долговечноста? Дали постои совршена диета што може да го продолжи животот? Иако нема иста формула за сите, науката и искуствата од различни култури во светот ни покажуваат неколку универзални принципи.
Учење од сините зони
Концептот на сини зони стана популарен благодарение на истражувањата на Дан Бутнер, кој откри пет региони во светот каде што живеат луѓето подолго од просекот, често живеејќи 90 или 100 години, во добра здравствена состојба. Тоа се: Окинава, Јапонија; Сардинија, Италија; Икарја, Грција;Никоја, Костарика; Лома Линда, Калифорнија.
Иако овие заедници имаат различни култури и кујни, нив ги обединуваат неколку клучни нутриционистички практики.
Растителната храна како основа
Во сите сини зони, луѓето претежно се хранат со растителна исхрана. Зеленчукот, овошјето, мешунките (грав, леќа, грашок), јаткастите плодови и интегралните житарки се основните продукти во секојдневното мени. Овие продукти се богати со влакна, антиоксиданси и со фитохемикалии, кои го намалуваат воспалението во телото и ги штитат клетките од стареење.
Интересно е што внесувањето протеини не е премногу големо, но доаѓа од квалитетни извори – најчесто растителни. Месото, особено црвеното, се јаде ретко, во мали количини, често само неколку пати месечно.
Маслиново масло и омега-3 масти
Во медитеранските сини зони, маслиновото масло е главен извор на масти. Тоа е богато со мононезаситени масни киселини и со полифеноли, кои го штитат срцето и го намалуваат ризикот од хронични воспалителни болести. Во другите региони, омега-3 масните киселини од рибата, семките и од оревите се дел од редовната исхрана.
Малку шеќер, уште помалку процесирана храна
Во современиот свет, шеќерот се крие во речиси секоја пакувана храна. Наспроти тоа, жителите на сините зони ретко консумираат индустриски преработени производи. Слаткото е резервирано за специјални пригоди, најчесто во форма на свежо овошје или домашно приготвени десерти.
Оваа умереност не значи целосна рестрикција, туку баланс. Наместо да се фокусираме на „чисти“ или „забранети“ продукти, важно е да имаме свест и контрола над количините и колку често ги консумираме.
Принципот на умереност „Хара хачи бу“
Ова е јапонска изрека, која значи „јади додека не си 80 % сит“. Практикувана од жителите на Окинава, оваа филозофија ги учи луѓето да не се прејадуваат. Истражувањата покажуваат дека ограниченото внесување калории, без недостиг на нутриенти, може да го продолжи животниот век и да го намали ризикот од хронични болести.
Оброците се ритуал
Во сините зони, храната е дел од општествениот живот. Луѓето јадат во друштво, без брзање, често подготвувајќи ја храната дома. Овој пристап не само што го подобрува варењето туку и го намалува стресот – друг тивок непријател на долговечноста.
Постот како природна регулација
Во Икарја и на Сардинија, религиозниот пост игра важна улога – денови без месо и масти, со јадење растителна храна и лесни оброци. Дури и во Лома Линда, каде што дел од заедницата се адвентисти, постои силна тенденција кон вегетаријанската и умерена исхрана. Постот не е само духовна практика туку и метаболичка пауза, која му овозможува на телото да се регенерира.
Заклучок: храната е наш сојузник ако ја избираме мудро
Нутриционизмот за долг живот не е тренд, диета или маркетинг- стратегија. Тоа е филозофија на живот што се потпира на традицијата, науката и на свесноста. Ако сакаме да живееме долго, не е доволно само да не се разболуваме туку треба и да се храниме така што ќе ги поддржиме нашите тело и ум да останат активни, отпорни и балансирани со текот на времето.
Затоа, следниот пат кога ќе се прашате што да јадете, прашајте се и: „Дали ќе ми помогне оваа храна да стареам здраво?“ Одговорот не секогаш ќе биде совршен, но свеста и намерата се првиот чекор кон промена. И најдолгото патување почнува со мали, секојдневни избори.