Маркетите исплашени од најавите за зголемување на казните и затварање почнаа да ги враќаат цените по старо. Од денеска јајцата во маркетите се продаваат по значително пониски цена. Вредноста е вратена на нивото пред големиот ценовен шок од ноември минатата година, кога цените пораснаа за рекордни 30 отсто. Дел од маркетите веќе ја намалија цената за околу 60 до 80 денари за табла од 30 јајца, односно за 30-40 денари за табла од 10 јајца, додека според најавите од добавувачите дел од маркетите цената би ја ревидирале во наредните денови.
Па така табла од 30 јајца која се продаваше за 370 денари, од денеска се продава за 279 денари, додека мала табла од 135 денари, сега се продава за 99 денари.
Цената на јајцата екстремно се зголеми на ноември лани кога порасна од 20 до 30 отсто.
Оптмистички пораки стигнуваат и од пакерите од Штип, кои велат дека цените на лебот и белите печива ќе останат непроменети и покрај зголемените трошоци за одржување на производството и порастот на цените на електричната енергија.
Како што изјави Николче Малинов, сопственик на една од пекарниците во Штип, во моментов нема официјални сигнали дека ќе се зголеми цената на брашното или другите основни репроматеријали кои влијаат на цената на лебните производи. Тој посочи дека зголемената цена на струјата е минимална и дека пекарниците ќе ги пребродат овие трошоци преку други заштеди, со цел да се задржи сегашната цена на производите.
Малинов истакна и дека има доволно количини на брашно, што им овозможува на пекарите да продолжат да ги нудат лебот и белите печива по досегашните цени. Според него, од помош им е и законско уредување што им дозволува да вработуваат пензионери, како и враќање на дел од работниците од странство, што ја олеснува работата во пекарниците.
Во моментов, цени на лебот во Штип се околу 30 денари, во зависност од грамажата и квалитетот, а тие остануваат исти и за белите печива, што е позитивна вест за потрошувачите во услови на зголемени трошоци во прехранбениот сектор.
Останува да се следи дали евентуалните идни пораст на трошоците за суровини и енергенси ќе влијаат на цените на основните прехранбени производи, но засега штипските пекарници ги задржуваат цените на сегашното ниво.












