„Ја прашав Јелена дали можам да играм тенис, ми рече не“: Ѓоковиќ мислел дека е засекогаш готово!

8552
EPA-EFE/JAMES ROSS AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Најдобриот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ (38) го откри моментот кога сакал да се откаже од тенисот. Неговата голема криза започнала по еден од најголемите успеси во кариерата, првата победа на Ролан Гарос во 2016 година.

„По освојувањето на Ролан Гарос во 2016 година, Вимблдон дојде неколку недели подоцна. Тоа е и благослов и проклетство за тенисот, бидејќи добиваш нова шанса многу брзо, а потоа е и проклетство, затоа што не можеш ни да го прославиш успехот. Човече, јас само што го освоив Ролан Гарос. Луѓето ми рекоа дека е во ред да го прескокнам Вимблдон, но како да го направам тоа? Секогаш се прашуваш дали е последен, дали ќе имаш уште една шанса“, изјави Новак Ѓоковиќ во интервјуто со Славен Билиќ во емисијата „Неуспехот на шампионот“.

Ѓоковиќ тогаш пристигна на Вимблдон како прв носител, ги доби првите две кола против Британецот Џејмс Ворд и Французинот Адријан Манарин, а потоа загуби во третото коло од Сем Квери.

„Имав три прекини поради дождот, Сем Квери беше противник, Американец, секогаш незгоден на трева. Тој освои два сета, првиот прекин беше на половина од вториот. Разговарав со тимот за време на паузата, исфрустриран поради играта, ајде да направиме план, да го добиеме третиот, да бидам во налет… Во четвртиот не успеав со брејк и почна да врне дожд. Ми дојде тимот и ги прашав само едно – момци ве молам пуштете ме сам. Не ми треба ништо, само мир, да гледам во ѕидот. Го загубив мечот кога се вратив и се прашав: Што е ова, не знам да го идентификувам“.

Агонијата траеше речиси две години

После тоа, морав да поминам низ една транзиција во себе, за да се вратам и можеби тоа е оној процес што траеше од крајот на 2016 година до средината на 2018 година.

Кога загуби во Мајами од Французинот Беноа Пер во 2. коло, Ѓоковиќ беше блиску до одлука да се откаже целосно.

„Испаднав од топ 20 во светот, во март 2018 година. Сакав да го напуштам тенисот затоа што загубив во 1. коло на Мајами. Морав да се сокријам, а потоа отидов во Доминиканската Република, кај нашите пријатели“.

Во Доминиканската Република се случи сцена во која тој ја врати љубовта кон тенисот.

„Имаше тениско игралиште, а мојата сопруга играше со синот… Ја прашав „Може ли?“, таа ми рече „Не, јас и Стефан играме сега, дојди на крајот“.

Само реков „Во ред“. Тие завршија, заминаа, а јас бев облечен во костим за капење и го земав рекетот да играм. Сервирам една, втора, трета….останувам два часа и ми се враќа. До крајот на годината од 20 и некое место стигнав на првото место. Секоја фаза има свое „зошто“, само треба да му дадете шанса на животот и на Бога да ви се средат работите. Понекогаш е подобро да пуштите, па да победите“, изјави Новак.

По тој момент Новак Ѓоковиќ четири пати го освои Австралија Опен, два пати Ролан Гарос, четири пати Вимблдон и два пати УС Опен. Вкупно – 12 Грен слем трофеи од неговите 25, повеќе од кој било досега освоено.

 

 

ИЗДВОЕНИ