Откако првично се пишуваше дека Марк Маркез нема да биде подложен на операција, сепак, се случи токму спротивното. Светскиот шампион во Мото ГП го повреди рамото при судир со Марко Бецеки во Индонезија и сега се соочува со долго закрепнување и неколку трки што ќе ги пропушти. Дукати потврди дека операцијата била успешна, но дека неговото враќање на патеката нема да биде наскоро.

Марк Маркез доживеа сериозна несреќа на првите метри од Големата награда на Индонезија. На брзата седма кривина, возачот на Априлија, Марко Бецеки, го удри задниот дел од неговото дукати. Тоа ги исфрли двајцата возачи од патеката.

Последиците од несреќата беа сериозни: Маркез доби фрактура на десното рамо и оштетени лигаменти на рамото. Како резултат на тоа, шесткратниот шампион во Мото ГП ќе ги пропушти следните трки, и тоа најмалку две – во Австралија и во Малезија.

По првичните прегледи во Мадрид, медицинскиот тим заклучи дека не е потребна операција. Сепак, прегледот неколку дена подоцна покажа дека не се одвива заздравувањето како што се очекуваше.

За да се избегнат долгорочни последици и ризик од нестабилност на рамото, беше одлучено Маркез, сепак, да се подложи на операција.

  • По прегледот на десното рамо, Марк Маркез беше успешно опериран во Мадрид, Шпанија. Медицинскиот тим што го прегледа седум дена претходно утврди дека фрактурата на коракоидниот процес и оштетувањето на лигаментите не покажуваат доволно знаци на стабилизација по една недела имобилизација. Поради ризикот од трајна нестабилност, беше одлучено да се извршат хируршка стабилизација и санирање на акромиоклавикуларните лигаменти. Марк Маркез, кој веќе е дома, ќе го продолжи процесот на закрепнување, а неговиот напредок ќе одреди кога ќе може повторно да се натпреварува – се вели во соопштението на Дукати.

Се проценува дека тој би можел да биде подготвен за трката за Големата награда на Португалија, која ќе се одржи на почетокот од ноември. Сепак, со оглед на тоа што веќе е решена титулата, во Дукати нема притисок да го вратат Маркез на патеката прерано.

Интересно е што секогаш бурниот Маркез го нарече инцидентот со Бецеки обичен тркачки инцидент и апелираше до своите обожаватели да престанат да даваат негативни коментари за италијанскиот возач.

  • Ги молам сите да останат смирени. Тоа беше тркачки инцидент, ништо повеќе – рече Маркез на социјалните мрежи, по трката во Мандалика.

 

ИЗДВОЕНИ