Легендарниот музичар Ози Озборн, познат како „Принцот на темнината“, почина во вторник на 76-годишна возраст, само две недели по прошталниот концерт со бендот „Блек Сабат“ во Бирмингем. Тажната вест ја објави неговата сопруга Шерон, која беше покрај него до последен момент, за време на неговата долга борба со Паркинсоновата болест.
Ози Озборн остави зад себе кариера полна со успех, но и живот обележан со скандали, пороци, насилство и неверство.
Првпат се оженил со Телма Рајли во 1971 година, но бракот се распаднал поради алкохол, дрога и бројни испади. Подоцна ја запознал Шерон Леви, која во тоа време била менаџер на бендот „Блек Сабат“. Со неа поминал повеќе од 40 години во брак, имале три деца, а нивната врска поминалa низ пекол и назад.
Нивниот брак беше сè друго освен мирен. Како што самата Шерон изјави во документарец за нивните животи, нивните расправии беа „легендарни“, а атмосферата дома честопати беше како во хорор филм.
Најмрачниот момент се случи во 1989 година, кога Ози, пијан и под дејство на дрога, се обиде да ја задави. Тој ѝ рече дека мора да умре и почна да ја дави, со „празни“ и „туѓи“ очи.
За среќа, тие не беа сами во куќата, па нападот беше прекинат, а полицијата брзо реагираше. Ози заврши на рехабилитација, а судот потоа привремено ги раздели.
Шерон подоцна призна дека инцидентот бил толку сериозен што ако имала пиштол, веројатно ќе пукала во самоодбрана. Сепак, таа остана со него.
Освен насилството, таа претрпела и бројни предавства. Најдолгата и најпозната беше аферата со фризерката Мишел Пју, која траеше четири години. Шерон потоа падна во тешка депресија, се обиде да се предозира, но во последен момент ја спаси слугинка. Освен Мишел, Ози имаше и врски со масери и разни девојки за време на турнеите.
– Тој секогаш имаше девојки на страна, но кога знаете каде живее, како се вика, каде работи… тогаш знаете дека тоа е повеќе од авантура – рекла Шерон.
И покрај насилството, дрогата, измамите и болните предавства, Шерон никогаш не го напушти. Кога му беше дијагностицирана Паркинсонова болест во 2003 година, таа беше неговата најголема поддршка.
Ози подоцна се покаја и често јавно зборуваше за тоа колку е благодарен што Шерон остана покрај него.
– Сите правиме грешки. Имам среќа што ја имам Шерон и што таа не ме остави, иако ѝ го скршив срцето. Никогаш нема да разберам зошто го направив тоа – рече тој во едно интервју.