Вработените во „Флораком“, која е фирма ќерка на ЈП „Паркови и зеленило“, по втор пат излегоа на протест барајќи си ги неисплатените плати. Првиот пат, минатата недела, протестираа пред капијата на претпријатието, а вчера, поддржани од синдикатот СУТКОЗ, повторно излегоа пред влезот на ЈП „Паркови и зеленило“ и ја блокираа раскрсницата на булеварот „Илинден“.
Претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, посочи дека нередовната исплата на платите и на надоместоците е проблем со кој се соочуваат вработените во „Флораком“ веќе подолг период. Тој посочи дека и покрај тоа што „Флораком“ е фирма ќерка на „Паркови и зеленило“, вработените не се третирани како сите вработени во претпријатието и постојано со задоцнување ја земаат платата.
– Се соочуваме со проблем: поголем број од работниците што се хронично болни не можат да ја земат својата редовна терапија бидејќи не им е исплатено здравственото осигурување. И покрај нашите писмени известувања, барања да се сретнеме со менаџментот за надминување на проблемот, за жал, нема слух од другата страна. На 10 јули кратко се видовме со менаџментот и беше ветено дека до 15 јули ќе биде исплатена платата за мај. За жал, до 15 јули не беше исплатена. По најавата за овој протест во четвртокот, повторно под притисок, беше исплатена една плата. Вработените во „Флораком“ ја немаат земено платата за јуни, иако рокот беше 15 јули – рече Кашиковски.
Тој посочи дека вработените во „Флораком“ редовно ги исполнуваат своите работни задачи, односно работат по налог за подигање, садење садници, кои му се предаваат на „Паркови и зеленило“, а претпријатието ги сади на територијата на Град Скопје.
– Значи, можам слободно да кажам дека секој налог што го добиле вработените во „Флораком“ е исполнет, меѓутоа не знаеме зошто не е исплатено по тој налог. Работата си ја имаат завршено, меѓутоа, за жал, пари и плати немаат земено – истакна Кашиковски.
Вработените најавија дека ќе протестираат повторно ако не им се исплати платата за јуни до 22. овој месец. Освен исплата на платата за јуни, вработените во „Флораком“ бараат и исплата на регресот за годишен одмор за 2022, 2023 и за 2024 година, согласно со законски пропишаната обврска, како и другите додатоци на плата.
Фото:Ѕвонко Плавевски