Извозот на руски гас во Европа падна за 44 проценти – на најниско ниво во последните неколку децении

18

Извозот на руски гас во Европа преку цевководи падна за 44 проценти оваа година, на најниско ниво од средината на 1970-тите, по затворањето на транзитната рута низ Украина и одлуката на Европската Унија постепено да го укине увозот на фосилни горива од Русија, пренесе „Бета“.

Турски тек е единствената преостаната рута за транзит на руски гас до Европа, а покрај Турција, преку него гас добиваат Србија, Унгарија и Словачка добиваат.

ЕУ објави дека целосно ќе престане да увезува руски гас до крајот на 2027 година со цел да ја прекине својата зависност од руските енергетски компании и да ја спречи Москва да ги користи овие средства за финансирање на војната во Украина.

Европа претходно беше најголемиот извор на буџетски приходи на Русија од продажбата на нафта и гас, испорачани преку цевководи изградени во 1960-тите и 1970-тите години што ги поврзуваа Советскиот Сојуз и Западна Европа.

Извозот на руски гас во Европа преку цевководи го достигна својот врв во 2018 и 2019 година, кога достигна повеќе од 175-180 милијарди кубни метри годишно, носејќи десетици милијарди евра приходи за „Газпром“, во кој руската влада има контролен удел.

Оваа година, „Газпром“ испорача само 18 милијарди кубни метри во Европа преку подводниот гасовод Турски тек, според пресметките на „Ројтерс“ врз основа на податоци од Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ENTSOG).

Тоа е најниското ниво од почетокот на 1970-тите, објави „Ројтерс“.

Според „Газпром“, Советскиот Сојуз испорача 6,8 милијарди кубни метри гас во Европа во 1973 година, првите години од извозот на сибирски гас, а во 1975 година, извозот се зголеми на 19,3 милијарди.

Испораките преку Турски тек се зголемија за 12,9 проценти само во декември во споредба со декември 2024 година, на околу 56 милиони кубни метри дневно, додека се зголемија за три проценти во споредба со ноември.

Извозот на гас во Европа преку Турски тек се зголеми за околу седум проценти оваа година, од 16,8 милијарди кубни метри во 2024 година. Заедно со испораките преку Украина, минатата година беа извезени 32 милијарди кубни метри, што е за 13 проценти повеќе отколку во 2023 година.

„Газпром“ извезува околу 20 милијарди кубни метри во Турција годишно.

Русија, исто така, извезува течен гас во Европа со танкери и е втор најголем снабдувач на ЕУ по САД.

ИЗДВОЕНИ