недела, февруари 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Извозот на челик од ЕУ во САД падна за 30 отсто

Извозот на челик од ЕУ во САД падна за 30 отсто

17

Високите царини на челикот од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп, предизвикаа пад на европскиот извоз во САД за една третина од јули 2025 година, соопшти европската група за челична индустрија „Еурофер“, повикувајќи се на „балансираниот“ договор за царини меѓу САД и ЕУ.

Трамп минатата година воведе царини од 50 проценти на увозот на челик и на алуминиум во САД, како дел од примената на царините врз партнерите во светот.

Според договорот постигнат минатата година, САД се согласија да воведат царина од 15 проценти на повеќето стоки од ЕУ, но таа не ги вклучуваше челикот и алуминиумот.

Повикувајќи се на официјални податоци од ЕУ, „Еурофер“ соопшти дека извозот во САД се намалил за 30 проценти во втората половина од минатата година во споредба со тој период во 2024 година, пад за кој ги обвини царините на Трамп.

Трамп подоцна ги прошири своите царини за да вклучи неколку стотици производи што содржат челик или алуминиум, што би можело да има дополнителни негативни ефекти за европските производители на машини и на други стоки со голема содржина на метал.

– Бројките ја нагласуваат потребата секој трговски договор меѓу ЕУ и САД да биде фер, балансиран и применлив – се вели во соопштението на „Еурофер“.

Вашингтон одби да ги намали царините за метали и покрај апелите на ЕУ, но ѝ порача на ЕУ да го преиспита својот пристап кон дигиталната регулатива ако сака пониски давачки – зделка што е неприфатлива за Брисел.

ЕУ во октомври презеде чекори за да ја заштити својата индустрија во криза со удвојување на царините за странски челик, како дел од мерките за спасување што мора да се договорат до јуни 2026 година, пред да истечат сегашните заштитни мерки.

Апелот на „Еурофер“ доаѓа во време кога се очекува трговскиот Комитет на Европскиот парламент да гласа за спроведувањето на договорот меѓу ЕУ и САД.

Комитетот ја прекина својата работа по заканите на Трамп за анексија на Гренланд, но се чини дека е подготвен Парламентот да го даде своето одобрение, иако со заштитни мерки и клаузула за преглед.

Шефот на ЕУ за трговија, Марош Шефковиќ, ги повика пратениците на ЕУ да го одобрат договорот што е можно побрзо, пред разговорите со министрите за трговија на ЕУ и на Кипар.

ИЗДВОЕНИ