Извори за „Ројтерс“: Путин ќе го игнорира ултиматумот на Трамп, поставува услови за мир

114

Рускиот претседател Владимир Путин планира да ја продолжи војната во Украина сè додека Западот не се согласи на мировни преговори под руски услови, а неговите територијални барања би можеле дополнително да се прошират ако руските сили продолжат да напредуваат, изјавија за „Ројтерс“ три извори блиски до Кремљ.

Според изворите, Путин не е импресиониран од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за нови санкции и верува дека и руската војска и економијата се доволно силни за да издржат дополнителен притисок од Западот.

„Путин верува дека никој, дури ни Американците, сериозно не се ангажирале со специфичните услови на Русија за мир, па затоа ќе продолжи сè додека не го добие она што го сака“, рече еден извор под услов да остане анонимен.

Трамп вчера изрази фрустрација од одбивањето на Путин да прифати прекин на огнот и најави нови испораки на оружје за Украина, вклучувајќи системи „Патриот“, и дополнителни санкции доколку не се постигне мировен договор во рок од 50 дена.

Иако Трамп и Путин разговараа по телефон неколку пати, а американскиот претставник Стив Виткоф, исто така, ја посети Москва во неколку наврати на средби со Путин, рускиот претседател, според извори, верува дека немало сериозен обид да се дефинира основа за мир.

„Важно е Путин да го зачува својот однос со Трамп и имаше добри разговори со Виткоф, но интересите на Русија се над сè“, додаде еден од изворите.

Според извори блиски до Кремљ, Путин бара правно обврзувачка гаранција дека НАТО нема да се прошири кон исток, неутрален статус за Украина и ограничувања на нејзините вооружени сили, како и заштита на рускојазичното население. Покрај тоа, тој бара признавање на територијалните придобивки на Русија.

Путин наводно е подготвен да разговара за безбедносни гаранции за Украина што би ги вклучиле големите сили, но не е јасно како тоа би изгледало во пракса. Канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски не одговори на прашањето на „Ројтерс“.

Друг извор вели дека Путин верува дека целите на Москва се поважни од какви било економски последици и дека не е загрижен за заканите на САД за царини против Кина и Индија за купување руска нафта.

Два извори тврдат дека Русија има предност на бојното поле и дека нејзината воена индустрија го надминува производството на клучна муниција на НАТО, како што се артилериските гранати.

ИЗДВОЕНИ