Извор од Хамас: Управувањето со Газа е завршена работа за нас – предложеното предавање на оружје не доаѓа предвид

605

„Хамас“ нема да учествува во управувањето со Газа по војната, изјави извор од движењето пред почетокот на самитот за палестинската територија, кој ќе се одржи во Египет и на кој ќе учествуваат дваесетина светски лидери, вклучувајќи го и Доналд Трамп, пренесе „Хина“.

Прекинот на огнот стапи на сила во петок по две години војна во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас. Тој се базира на планот од 20 точки на американскиот претседател и предвидува разоружување на Хамас и исклучува каква било улога за исламистичкото движење во идното управување со палестинската територија.

„За Хамас, управувањето со Појасот Газа е решено прашање. Хамас воопшто нема да учествува во него во преодната фаза, што значи дека се откажал од контролата врз Појасот Газа, но тој останува фундаментален елемент на палестинското општество“, изјави за АФП извор близок до преговарачкиот тим на Хамас, зборувајќи под услов на анонимност.

Иако раководството на Хамас беше поделено по клучните прашања во минатото, особено во врска со идното управување со Газа, овој пат се чини дека постои општ консензус за отфрлање на разоружувањето.

„Хамас прифаќа долгорочен прекин на огнот, како и фактот дека оружјето на Хамас воопшто не се користи во текот на споменатиот период, освен во случај на израелски напад врз Газа“, рече изворот. „Предложеното целосно предавање на оружјето не доаѓа предвид и не е предмет на преговори“, изјави за АФП во саботата функционер на Хамас, зборувајќи под услов да остане анонимен.

Првата клаузула од планот на Трамп предвидува дека Појасот Газа, над кој исламистичкото движење ја презеде власта во 2007 година, ќе стане „дерадикализирана и зона без терор што нема да претставува закана за своите соседи“.

Планот, исто така, предвидува дека Хамас нема да има никаква улога во идното управување со Појасот Газа и дека неговата воена инфраструктура и арсенал ќе бидат уништени. „Технократски и аполитичен“ палестински комитет ќе биде одговорен за управување со јавните услуги за време на транзициската фаза.

Извор близок до преговарачите изјави дека споменатиот тим побарал од Египет, една од земјите посредници, да свика состанок пред крајот на следната недела за да се постигне договор за составот на комитетот, додавајќи дека списокот со имиња е „речиси готов“.

„Хамас, заедно со другите фракции, предложи 40 имиња. Апсолутно нема вето за нив и ниту едно од нив не му припаѓа на Хамас“, рече истиот извор.

ИЗДВОЕНИ