Израел ги предупреди САД дека подготвува воздушни напади врз претставници на Хамас во Катар, изјави денес висок функционер на Белата куќа.
„Бевме информирани“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван. Според агенциите, во заедничка изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац се вели дека по нападот во Ерусалим, израелскиот премиер им наредил на своите безбедносни агенции да подготват напад врз раководството на Хамас, пренесува „Хина“.
Се вели дека можноста се појавила денес попладне и дека, со целосна поддршка од израелските одбранбени лидери, тие заеднички одлучиле да дадат зелено светло за нападот.
Се додава дека ИДФ и Шин Бет биле информирани за плановите за нападот синоќа.
Во соопштението се наведува дека Нетанјаху и Кац веруваат дека нападот бил оправдан бидејќи раководството на Хамас стоело зад нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и пукањето во Ерусалим во понеделник.
Денес, Хамас ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз автобуската станица во Ерусалим, во кој беа убиени шест Израелци, а неколку беа повредени.
Ниту Израел ниту Хамас официјално не потврдија дали лидерите на Хамас го преживеале нападот во Катар или биле убиени.