Најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја, Лукаш Длугош и извонредниот пијанист Анжеј Јунгиевич завчеравечер ѝ овозможија на публиката на „Охридско лето“ прекрасен концерт што долго ќе се памети.
Полските уметници настапија во црквата „Света Софија“ со внимателно одбран репертоар кој започна со композиција на Моцарт, а продолжи со дела од Шуман, Шаминад и Пуланк. Вториот дел од концертот беше резервиран за композиции од Шимановски, Падеревски, Менделсон, Горецки, Лутославски и Шелиговски.
-Многу сме изненадени од ова прекрасно место. Акустиката е фантастична, оригиналните фрески ни даваат поттик да го претставиме репертоарот онака како што го замисливме и подготвивме, рече флејтистот Длугош.
Досега повеќе од 300 композиции се напишани специјално за него и за неговата сопруга,исто така флејтистка, Агата Кјелар-Длугош.
-Ова е важен дел за нас музичарите. Многу сакаме да соработуваме со композитори бидејќи тие се посебени уметници и ни го прикажуваат најлесниот начин на интерпретација , формата и како да се свири добра музика во добра атмосфера. Сме соработувале со над стотина композитори. Сме снимиле повеќе од 80 компакт-дискови и за нас е огромна можност да прикажеме каков репертоар се свири на флејта во 21 век, додаде Длугош.
Длугош студирал соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен, а магистерските студии ги завршил на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД.
Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва.
Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор.
Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице.
Добитник е на стипендии од полското министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година.
Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина.
Учествува на бројни фестивали и премиерно изведува дела од современите полски композитори кои се снимани за радио и ТВ. Неговите изведби се поместени на бројни носачи на звук, меѓу кои се и двата албуми со флејтистката Агата Кјелар-Длугош.
Редовно е пијано придружник на бројни работилници и мајсторски курсеви со етаблирани музичари и педагози. Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.