Извонреден успех на германските лекари: Во живот одржале бебе кое при раѓањето тежело само 300 грама

67

Лекарите во Универзитетската болница во Магдебург успеаја да го одржат предвреме роденото девојче, кое тежеше само 300 грама, во живот доволно долго за да почне самостојно да се развива, објави денес „Билд“.

Болницата соопшти дека станува збор за „извонреден медицински успех“ бидејќи девојчето е родено 16 недели предвреме, и затоа се смета за екстремно предвремено раѓање, а стапката на преживување на ваквите бебиња низ целиот свет е само 25 проценти.

„Детето беше на респиратор седум недели пред да може да дише самостојно. Третманот бара исклучително прецизен и внимателен пристап“, рече главниот лекар Ралф Бетгер.

Тој додаде дека семејството останало во болницата долго време за да изгради и одржи врска со детето, и девет недели по првично проценетиот датум на раѓање, родителите конечно успеале да го земат девојчето дома.

Според Гинисовата книга на рекорди, рекордот за најмладо преживеано предвреме родено бебе во светот го држи Неш Кин од САД, кој е роден 19 недели предвреме и тежел само 283 грама. Тој го прослави својот прв роденден во јули оваа година.

ИЗДВОЕНИ