Изречени се казни на загадувачите во Скопје

79

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во изминатите неколку дена биле спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен за откривање на загадувачите. Притоа, Инспекторатот за животна средина изрекол казни кон правни лица – загадувачи и како што истакна со тоа јасно покажал дека законот важи за сите.

Ова следува откако изминативе денови Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот. Според податоците од државниот мониторинг, беше пробиен дозволениот праг и состојбата бараше итна и решителна реакција.

–Како градоначалник на Скопје, но пред сè, како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека нема да се застане само на ова, туку напротив, ќе се продолжи уште поинтензивно и уште поодлучно.

– Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција. За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца – одлучен е Ѓорѓиевски.

Паралелно со репресивните мерки, Градот Скопје излезе и со низа препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои се јавно објавени и достапни за сите граѓани и веќе се применуваат и к ако што вели Ѓорѓиевски се важен дел од заедничката борба за почист воздух.

-Владата на Република Македонија за само година и пол, заедно со локалната власт, презема низа чекори во насока на почист воздух. Тука спаѓаат Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување низ државата, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во Скопје, како и новите паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух и многу други мерки – наведе скопскиот градоначалник.

Тој апелираше до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките и ги повика скопјани да пријават потенцијални загадувачи на е-меил: [email protected].

ИЗДВОЕНИ