Над 125 илјади инспекциски контроли спровела Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на 2025 година, со фокус на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Контролите ги опфатиле домашното производство, трговијата, угостителските објекти, како и увозот и извозот на храна и на производи поврзани со исхраната.

Според податоците на АХВ, контролите биле насочени кон почитување на добрата хигиенска и производствена практика, примената на НАССР-системот, правилното означување на производите, како и кон контрола на храната од домашно производство и од увоз. Интензитетот на контролите бил утврден според ризикот, при што објектите со повисок ризик биле почесто предмет на инспекциски надзор.

Во рамките на внатрешниот промет биле реализирани 47.200 редовни и вонредни контроли, при што инспекторите издале 5.406 решенија и поднеле 10 прекршочни пријави. Биле изречени 1.073 прекршочни платни налози, со вкупна вредност од 618.010 евра во денарска противвредност. Во тој период биле поднесени и осум кривични пријави, сите поврзани со здравствената заштита и со благосостојбата на животните.

Како резултат на контролите, биле одземени и нештетно уништени 355.377 килограми небезбедна храна – месо, месни производи, млеко, млечни производи, риба, јајца, јаткасти плодови, кондиторски производи, како и алкохолни и безалкохолни пијалаци.

Дополнително, инспекциските служби на АХВ спровеле 78.016 контроли на увозни и транзитни пратки со храна од животинско и од неживотинско потекло, добиточна храна, материјали што доаѓаат во контакт со храната и живи животни. Како небезбедни, биле уништени осум пратки со храна од неживотинско потекло во количина од речиси 70 тони, додека една пратка била вратена во земјата извозник.

Во тој период биле уништени и три пратки со храна од животинско потекло во количина од над 22 тона и биле вратени дополнителни 16 пратки поради утврдена небезбедност.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство порачуваат дека ќе продолжат контролите со исто темпо и во наредниот период, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна храна на пазарот.

ИЗДВОЕНИ