
Портпаролот на израелскиот премиер изјави дека израелските преговарачи вечерва ќе заминат за Египет за да одржат разговори со палестинската фундаметалистичка организација „Хамас“ утре за ослободување на израелските заложници, пренесе „Бета“.
„Тимот ќе замине вечерва со план за почеток на преговорите утре“, рече Шош Бадросијан на прес-конференција посветена на случувањата во Газа.
Тој прецизираше дека ова ќе бидат „технички преговори“.
Се очекува преговарачите на Израел и Хамас да пристигнат во Египет денес за индиректни разговори за прекин на огнот на палестинските територии и ослободување на заложниците.
Се очекува разговорите да ги финализираат деталите, а целта на преговорите е да се стави крај на речиси двегодишниот конфликт во Појасот Газа.
Преговарачите на Хамас треба да пристигнат во Каиро од Доха денес попладне, пред да се упатат кон Шарм ел-Шеик за да учествуваат во разговори со израелска делегација.
Палестински извор близок до Хамас изјави за АФП дека двете делегации ќе бидат во истата зграда, но подалеку од медиумите.
Висок функционер на „Хамас“ денес изјави дека палестинското исламистичко движење сака да постигне договор за прекин на војната и веднаш да изврши размена на затвореници со Израел.
„Окупацијата (израелската) не смее да го попречува спроведувањето на планот на претседателот Трамп. Ако окупацијата има искрени намери да постигне договор, Хамас е подготвен“, рече функционерот, кој не сакаше да биде именуван.