Дванаесет лица беа убиени, вклучувајќи го и еден од двајцата напаѓачи, во вчерашното пукање на прославата на Ханука, еврејскиот празник на светлината, на плажата Бонди во Сиднеј. Најмалку 29 лица беа повредени, а меѓунив и вториот напаѓач, чија состојба е критична. На плажата Бонди се одржуваше настан по повод првиот ден од еврејскиот празник Ханука. Нападот е официјално прогласен за терористички инцидент. Се верува дека нападот бил планиран со месеци, соопштија полициски извори, според австралискиот новински медиум NewsWire.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го опиша пукањето како „чин на злобен антисемитизам и тероризам што го погоди срцето на нацијата“.
„Злото што беше ослободено денес на плажата Бонди е несфатливо, а траумата и загубата со кои се соочуваат семејствата вечерва е над најлошиот кошмар на секого“, рече тој.
„Полицијата и службите за итни случаи се на местото на настанот и работат на спасување животи. Моите мисли се со сите што беа погодени“, рече Албанезе.
Полицискиот комесар Мал Ланион потврди дека полицајците пронашле возило за кое веруваат дека има „неколку импровизирани експлозивни направи“.
„Како дел од истрагата и кратко по пукањето, полицијата пронашла возило во Кемпбел Параде, Бонди, за кое веруваме дека содржело неколку импровизирани експлозивни направи.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, ја критикуваше австралиската влада по смртоносната пукотница на настанот за Ханука во Сиднеј, опишувајќи ја трагедијата како „резултат на антисемитско дивеење на улиците на Австралија“.
„Згрозен сум од убиственото пукање на настанот за Ханука во Сиднеј, Австралија“, објави Саар. Тој рече дека еврејската заедница била цел на нападот и дека пукањето во неделата е резултат на „антисемитско дивеење на улиците на Австралија во текот на изминатите две години“.












