Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четврток изјави дека „нема да има палестинска држава“ на церемонијата на потпишување на важен проект за понатамошна изградба на населби на Западниот Брег, пренесува агенцијата Франс Прес.
„Ќе го одржиме нашето ветување: нема да има палестинска држава, тоа место ни припаѓа нам“, рече Нетанјаху за време на посетата на населбата Маале Адумим на Западниот Брег.
„Ќе го зачуваме нашето наследство, нашата земја и нашата безбедност. Ќе го удвоиме бројот на населението во градот“, продолжи тој.
Минатиот месец, Израел одобри клучен проект за изградба на 3.400 станбени единици на Западниот Брег, кој ОН и неколку странски лидери го осудија како преполовување на територијата на можна идна палестинска држава и загрозување на можноста за решение со две држави. Проектот е познат како Е1.
Израелскиот министер за финансии од крајна десница, Безалел Смотрих, повика на забрзување на неговата имплементација и анексијата на Западниот Брег, како одговор на најавите од неколку земји за нивната намера да ја признаат државата Палестина.
Францускиот претседател Емануел Макрон во јули објави дека Франција ќе ја признае Палестина на седницата на Генералното собрание на ОН на крајот на септември. Неколку земји оттогаш изјавија дека ќе го сторат истото, вклучувајќи ги Канада, Австралија и Белгија.
Во светлината на војната на Израел во Газа, палестинската држава беше признаена меѓу другите и од Ирска, Норвешка, Шпанија и Словенија.