Во текот на ноќта и утрово, израелската војска (ИДФ) започна со повлекување на своите трупи од Појасот Газа до договорените линии за распоредување, како дел од договорот со Хамас.
Некои сили целосно се повлекоа од Газа, додека други ќе останат на позициите долж линиите за распоредување, објавува „Тајмс оф Израел“.
Повлекувањето се одвива под заштита на артилериско гранатирање и воздушни напади во некои области, објави израелскиот портал.
Се очекува израелската војска да го заврши повлекувањето до вечерва, во рок од 24 часа откако израелската влада официјално ќе го ратификува договорот со Хамас.
Кога повлекувањето ќе биде завршено, ИДФ ќе ја задржи контролата врз нешто повеќе од половина од територијата на Појасот Газа, или 53 проценти – од кои поголемиот дел е надвор од урбаните средини.
Ова вклучува тампон зона долж целата граница со Газа, вклучувајќи го Коридорот Филаделфија – граничната област помеѓу Египет и Газа – заедно со Бејт Ханун и Бејт Лахија на крајниот север од Појасот, гребен на источната периферија на градот Газа и големи делови од Рафа и Кан Јунис во јужна Газа, наведува „Тајмс оф Израел“.